Македонија
Шолц: Ние сакаме Северна Македонија да стане членка на ЕУ!
„Вашата земја повторно се соочува со носење една многу важна одлука: дали сакате да го прифатите европскиот компромис? Со тоа, 17 години по доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ, може конечно да се одржи првата пристапна конференција за членство. Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата“, се вели, меѓу другото, во обраќање на сојузниот канцелар на СР Германија, Олаф Шолц, до Северна Македонија.
Шолц вели и дека „ги разбирам вашата нестрпливост и вашата фрустрација. И повеќе од тоа: ги споделувам со вас!“
„Јас ве разбирам кога ќе кажете: нам ни беше предолго и премногу ветувано. Тоа што се бараше од нас беше премногу. Јас го разбирам вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ. Сакам да бидам сосема искрен со вас: дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки што ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така ви велам: заедно ќе ги совладаме задачите што ни претстојат. Затоа што сакаме да бидете членка на оваа Европска Унија!“, стои во соопштението објавено на фејсбук-страницта на германската амбасада во Скопје.
Шолц порачува: „Ние ве сакаме вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија, во која се чуваат и се негуваат вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни“.
„Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни. Ние сме и ќе останеме на ваша страна“, вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, ќе дува засилен ветер од северен правец
Променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.

