Македонија
Штајнмаjер: Германија е искрен и доверлив партнер на Северна Македонија
По повод 8 Септември, Денот на независноста, писмо со честитка до претседателот Пендаровски испрати претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер.
Во честитката тој пишува дека Германија е искрен и доверлив партнер, кој ќе продолжи и понатаму да ја поддржува Северна Македонија во приближувањето кон Европската Унија, како и при совладувањето на последиците од пандемијата.
„По повод Денот на независноста, Вам и на граѓаните и граѓанките на Северна Македонија ви честитам срдечно и во името на моите сонародници.
Оваа година вашата земја можеше да се радува не само на приемот во НАТО, туку и на одлуката на Европскиот совет за започнување на пристапни преговори со ЕУ. Со историскиот договор за прашањето за името со Грција и важните реформи, Северна Македонија значително придонесе за тоа. Уште позначајно останува ангажираното продолжување на реформите во централните области: владеење на правото, доброто владеење, како и одржување на добрососедските односи. Германија и понатаму ќе ја поддржува вашата земја во приближувањето кон Европската Унија, како и при совладувањето на последиците од пандемијата од Ковид-19, како искрен и доверлив партнер.
Вам и на Вашите сонародници ви посакувам лично добро и среќна иднина за вашата земја“, се наведува во честитката на Штајмаер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно суви и местимично влажни коловози. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има во околините на Гевгелија, до 100 метри Струмица, Неготино и Сарамзалино и до 150 метри Демир Капија, извести АМСМ.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради уличен дефект ф-80 мм на улицата Св. Кирил и Методиј бр. 48, од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица и дел од улицата Димитрие Чуповски, вклучително и ЈЗУ Здравствен дом Железничар, општина Центар.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Променливо облачно претпладне во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

