Македонија
Што побргу да се донесе законот за средно образование, за децата со попреченост ќе го реши проблемот со образовни асистенти, вели народниот правобранител
Народниот правобранител пред почетокот на учебната година на сите ученици, особено на првачињата, преку соопштение им посакува успешна година, во која ќе се стекнат со нoви знаења, ќе совладаат нови вештини, со помош на кои понатаму ќе се доизградат како личности, кои ќе дадат придонес за општеството во сите сeгменти.
Имајќи ја предвид клучната улога на образованието во развојот на личноста на детето, народниот правобранител во оваа пригода апелира до сите инволвирани во воспитно-образовниот процес и до родителите максимално да се посветат на образованието и воспитувањето на децата, да работат со нив, да им го дадат потребното внимание и грижа, да им обезбедат помош и поддршка, како и разбирање за прашања во врска со училишниот, но и секојдневниот живот, притоа почитувајќи ги децата како носители на права и водејќи сметка најдобриот интерес на детето да биде водечки при донесувањето одлуки, се вели во соопштението.
„Во овој контекст, потсетува дека децата треба да ги вклучат во сите процеси што се однесуваат на нив или се во врска со нив, со што ќе испратат јасен сигнал дека во текот на училишната година не се оставени сами на себе и дека во секој момент за секој проблем, без страв и ограничување, има кому да му се обратат за да го решат проблемот или дилемата што ја имаат.
Што се однесува до оние што се одговорни за спроведувањето на политиките во образованието, народниот правобранител потсетува дека основното и средното образование се задолжителни и бесплатни, а обезбедувањето учебници и други помагала, како и превоз на учениците, се само дел од предусловите за непречено одвивање на квалитетен образовен процес за сите деца, вклучително и за децата во ризик, децата што потекнуваат од социјално загрозени семејства, како и децата со попреченост. Следствено, препорачува што побргу да се донесе законот за средно образование, кој за децата со попреченост системски ќе го реши проблемот со обезбедувањето образовни асистенти, со чија помош и поддршка на полесен начин ќе го совладуваат дадениот материјал“, се наведува во соопштението.
Народниот правобранител ги охрабрува учениците да покажат интерес за заштита на своите права, да ги запознаат и без страв да пријават евентуално нивно непочитување или повреда, без оглед дали повредата е во рамките на домот (семејството) или во училиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на Балканскиот форум за интеграција 2025 во Црна Гора
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе престојува во работна посета на Црна Гора, по повод учеството на Балканскиот форум за интеграција 2025 којшто ќе се одржи во Подгорица во организација на Европското движење во Црна Гора и Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија.
Сиљановска-Давкова ќе се обрати на сесијата насловена „Претседателите за ЕУ интеграциите – Имаме ли план?“ и ќе оствари билатерална средба со претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.
Во фокусот на Балканскиот форум за интеграција се геополитичките предизвици во светот, ЕУ и регионот на Западен Балкан, како и клучните области во евроинтегративниот процес: основните човекови слободи и права, владеењето на правото, доброто управување, безбедноста, борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Покрај државни функционери од регионот, на Форумот ќе учествуваат истакнати експерти за европски интеграции и претставници од бизнис-секторот.
Македонија
Филков до Европскиот фронт: Трагично е што дискусијата ја сведувате на пари вложени во судството а не направивте ништо додека бевте на власт
Министерот за правда Игор Филков говорејќи за Извештајот на ЕК за напредокот на државата на прашањето упатено од пратеничката Дијана Тоска од Европски фронт рече дека Министерството за правда во изминатите месеци има подготвено повеќе од 20 закони.
,, Пред да се навратиме на прашањето би сакал да ја потсетам целокупната јавност дека кога говориме за реформскиот процес тоа е нешто што претходната Влада го прифати без разговарање за датумите во последната година од својот мандат затоа што знаеше, односно мислеше дека откако ќе ги изгуби изборите никој нема да успее за толку кратко време да ги донесе сите суштински реформи и државата да ја придвижи напред.
Да говориме со факти и со бројки. Законот за судски совет ја помина владината процедура.
Во владина процедура се: – Закон за платите на судиите. Трагично е што дискусијата ја сведувате само на пари, оние исти пари кои што пред некој ден од нашите стратешки партнери, оние огромни суми од половина милијарда долари кои што се вложени во судство а вие ништо не направивте додека бевте на власт.
-Закон за платите на јавните обвинители
-Закон за платите на членовите на Судски совет на Република Северна Македонија
-Закон за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија
-Законот за судска служба
-Законот за јавнообвинителска служба”, потенцира Филков.
Тој информираше дека во финална фаза се Законот за јавно обвинителство, Законот за Советот на јавни обвинители, Кривичен законик, Закон за кривична постапка, Закон за судски буџет, Закон за судови, Закон за Академија за судии и јавни обвинители.
,,Бидејќи наследивме хаос и ова не беа единствените закони кои требаше да ги адресираме во изминатите месеци, МП низ отворен и транспарентен процес работеше и на следните закони.
Во владина процедура се: Закон за спречување на корупција и судир на интереси, Закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи, Закон за парнична постапка, Закон за вештачење, Закон за процена, Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во финална фаза на подготовка се: Закон за заштита на лични податоци, Закон за пробација, Закон за извршување на санкции, Закон за помилување, Закон за здруженија и фондации”,истакна Филков.
Македонија
Муцунски со претставници на литванскиот Парламент – Сејмас: фокусот на унапредување на соработката со цел силна поддршка на процесот на проширување на ЕУ
Во рамки на работната посета на Литванија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево го посети литванскиот Парламент – Сејмас, каде оствари одвоени средби со пратеници, членови на Комисиите за надворешни работи и европски прашања, како и со Групата за меѓупарламентарна соработка со земјите од Западен Балкан.
На средбите, Муцунски ја нагласи важноста на парламентарната соработка и улогата на народните претставници во продлабочувањето на односите меѓу двете држави. Тој истакна дека парламентарната дипломатија претставува значајно дополнување на класичната дипломатија, особено во промовирањето на дијалог и градењето стабилни партнерства.
Фокусот на дискусиите беше ставен и на можностите за понатамошно унапредување на соработката меѓу литванските и македонските пратеници – како на билатерално ниво, така и во рамките на европските парламентарни форуми – со цел продолжена и силна поддршка на процесот на проширување на Европската унија.

