Македонија
Шукова: Георѓиевски манипулира или е целосно некомпетентен, па ветува парк на Вардариште
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Георѓиевски, ветува „парк“ на локацијата Вардариште – најзагадената и технички најкомплицирана точка во главниот град. Со ова ветување Георѓиевски само потврдува дека или свесно манипулира или воопшто не знае што зборува, што го прави целосно неспособен и некомпетентен за функцијата што ја бара од скопјани.
„Во Вардариште има над 2 милиони кубни метри отпад, одлаган без никаква подлога. Тоа е локација со висок ризик по здравјето и животната средина“, изјави кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова.

„Само процесот на санација и деконтаминација на тоа земјиште би траел со години, пред воопшто да може да се зборува за било каква употреба, а најмалку за парк“, посочи Шукова.
Покрај еколошката загрозеност, постојат и правни и технички пречки за било каква интервенција на теренот.
„Во моментов тече арбитражна постапка во Париз поврзана со проектот ‘Скопски колектор’, кој поминува токму низ Вардариште. До завршување на таа постапка, ниту смее ниту може да се менува намената на тој простор“, предупреди Шукова.
„Уште во 2017 година, со поддршка од ЕУ, е изработена детална техничка документација со која јасно се предвидува: Вардариште треба да биде локација за современа претоварна станица за отпад. Тоа е единствениот стручен и легитимен план. И јас стојам зад тој план“, изјави Шукова.
Во моментов е во тек и јавна набавка за поддршка на целиот регионален систем за управување со отпад во Скопскиот регион. „Секој обид за политичка интервенција на Вардариште пред завршување на оваа постапка е опасен, штетен и спротивен на сите законски и еколошки норми“, додаде Шукова.
СДСМ остро реагира на ваквите лажни ветувања и го повикува Орце Георѓиевски да престане со ширење неосновани фантазии и да одговори за четиригодишната неспособност на неговата партија додека беа на власт во Градот Скопје.
„Георѓиевски не нуди решение. Тој нуди изборна измама. Вардариште, што ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска го оставија да гори и да труе, сега се користи за предизборен маркетинг. Но скопјани веќе еднаш беа излажани со 150 автобуси, мега паркови и слични бајки. Време е за сериозен, стручен и државнички пристап“, заклучи Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Скопје од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.

