Македонија
Шукова: Имаме јасен остварлив план за чисто Скопје, ќе го исчистиме градот во првите три месеци
Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, заедно со заменик-претседателката на партијата Фани Каранфилова Пановска, кандидатот за градоначалник на општина Гази Баба Влатко Митовски и кандидатот за општина Ѓорче Петров Костадин Ацевски, одржа работен состанок посветен на системските решенија за управување со отпадот во главниот град и општините.
Шукова потенцираше дека ситуацијата е критична: „Четири години гледаме како градот тоне во отпад. Скопје мириса како никогаш досега, загаденоста и прашината се секојдневие, а отпадот шири болести. Граѓаните се жалат, а моменталната администрација не реагира.“

Таа најави дека еден од првите чекори по преземањето на функцијата ќе биде темелно чистење на целиот град и сите општини во рок од три месеци. Овој процес ќе вклучува: отстранување на сите диви депонии и уредување на критичните црни точки, контрола и мониторинг за да се спречи повторно создавање на депонии, како и силна координација меѓу градот и сите општини, без префрлање на одговорности.
Паралелно со ова, Шукова најави модернизација на системот за управување со отпад:
• Нови возила за побрзо и поефикасно собирање, бидејќи постојната механизација е застарена.
• Повеќе претоварни станици за скратување на времето за транспорт до Дрисла, особено за општините кои сега можат да направат само една-две тури дневно.
• Поставување на паметни контејнери со сензори за следење на нивната исполнетост во реално време, со што ќе се избегне преполнување и ќе се оптимизираат турите.
• Јасен јавен распоред за собирање отпад, по видови и по денови.
Шукова истакна дека ќе се воведе и систем за селекција и преработка на отпад, како дел од кружната економија. „Хартијата, стаклото, пластиката, алуминиумот и градежниот шут ќе ги третираме како ресурс што повторно ќе се користи, а не како отпад што загадува.“ – потенцира Шукова.
Дополнително, ќе се работи на подобро управување со депониите Вардариште и Дрисла, како и на искористување на европските фондови, вклучително и програмите LIFE и ИПА, за современи и одржливи решенија.

„Граѓаните плаќаат за чист град – и ќе го добијат.“ Шукова истакна дека законите во државата уредуваат како секој тип на отпад треба да се управува, но спроведувањето на законите на ниво на градот Скопје и на општините не е целосно, значи е делумно и ќе треба да се направат сериозни интервенции за да се постави ефикасен систем кој ќе работи во корист на граѓаните.
„Ова нема да биде еднократен кампањски потег, туку системска промена која ќе обезбеди трајна чистота и подобро здравје за сите жители на Скопје.“ заклучи Шукова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

