Македонија
Шукова: Се грижиме за граѓаните и им помагаме на општините во Полошкиот Регион изложени на зачестени поплави
Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, и градоначалникот на општина Јегуновце, Димитар Костадиноски, денеска беа во теренска посета на локацијата во селото Туденце, каде што почнуваат работите за санација и регулација на коритото на горниот тек на реката Вардар во општина Јегуновце.
Во своето обраќање министерката Шукова потенцира дека Полошкиот Регион е подрачје што е исклучително ранливо на временските непогоди, како што се поплавите, кои многу често имаат катастрофални последици за жителите.
„Од таа причина, применувајќи интегриран пристап со поддршка и соработка на сите вклучени страни, како што се донаторите, Владата, локалната власт и заедниците, им помагаме на локалните заедници во зголемување на отпорноста кон ваквите природни непогоди“, истакна таа посочувајќи дека санацијата на речните корита, пред сè, подразбира чистење на природното корито од градежен шут, комунален и кабаст отпад, како и вегетација од самото корито што го попречува текот на реката.
Постојаниот претставник на програмата за развој на Обединетите нации во Северна Македонија, Армен Григорјан, оцени дека поплавите во горниот тек на Вардар, во општина Јегуновце, се честа закана за домовите и земјоделскиот имот на жителите на селата во овој регион, што се потврди и во текот на јуни кога двапати дојде и до излевање на реката и до поплави.
„Корист од оваа интервенција директно ќе имаат околу 3.000 жители на општината Јегуновце и околу 10.000 жители на градот Гостивар преку засилувањето на отпорноста и намалувањето на ризиците од поплави“, изјави Григорјан.
Проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот Регион“, во чии рамки ќе се спроведуваат активности за санацијата и регулација на коритото на горниот тек на реката Вардар, ќе се спроведуваат на две локации, во општината Јегуновце, како и во општината Гостивар, во вкупна должина од 17,2 километри и стабилизирање на 12-те најкритични речни делници со вкупна должина од 1,8 километар.
Проектот е дел од пошироката програма за намалување на заканите и ризиците од природни катастрофи, пред сè, од поплави во Полошкиот Регион, и негова цел е да поттикне трансформациска промена во управувањето со ризикот од поплави во регионот, што ќе ја подобри севкупната отпорност на поплави во Полошкиот Регион и ќе помогне во усогласувањето на системот за управување со поплави на ниво на земја со ЕУ и други современи концепти и пристапи. За реализација на овие два зафата Швајцарија преку двете агенции: Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и швајцарскиот државен секретар за економски прашања (SECO) за интервенција на реките Вардар Гостивар и Вардар Јегуновце одвои 1,5 милион долари, а контрибуцијата на Министерството за животна средина и просторно планирање изнесува 220 илјади долари. Проектот се спроведува во партнерство со УНДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

