Македонија
Ѓоргиевска: Потребни се поголеми напори за мотивирање и вклучување на жените во науката
По повод 11 февруари – Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, на иницијатива на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска, се одржа панел-дискусија за улогата, застапеноста и видливоста на жените во науката, како и предизвиците со кои се соочуваат.
Учеснички на панел-дискусијата беа жени научнички од земјава, а свои излагања имаа професорките Јана Клопчевска, Јадранка Блажевска – Гилев и Емилија Фиданчевска од Технолошко-металуршкиот факултет, Марина Стефова од Институтот за хемија на Природно-математички факултет и Ариета Алиу, стручен наставник во тетовскиот Училиштен медицински центар „Никола Штејн“.
Ѓоргиевска истакна дека родовата еднаквост и дисбалансот се сè уште предизвик во однос на целосен и еднаков пристап на жените и девојките до науката и учеството во неа.
„Жените обично добиваат помали грантови за истражување во споредба со нивните машки колеги. Иако тие претставуваат 33.3% од сите истражувачи, само 12 % од членовите во националните научни академии се жени. Жените сè уште сочинуваат мал процент од дипломирани инженери, и честопати имаат пократки и помалку платени кариери и нивната работа е недоволно застапена во научните списанија“, посочи Ѓоргиевска. Таа додаде дека постигнувањето на глобалната родова еднаквост и развојот во науката се два клучни аспекта на меѓународните цели за одржлив развој до 2030 година.
Според Ѓоргиевска, неопходно е вмрежување и поврзување на науката со бизнис-заедницата со цел зголемување на иновативниот потенцијал во државата.
Таа оцени дека е неопходно поголемо учество на жените и девојките во јавни дебати, изразувајќи надеж дека преку вакви отворени дискусии и со поголема вклученост на надлежните институции, жените и девојките ќе бидат дел од решенијата за надминување на предизвиците со кои се соочуваме.
Меѓународниот ден на жените и девојките во науката годинава се одбележува под мотото „Еднаквост, разновидност и инклузија: водата нè обединува“ и во таа насока на панелот се дискутираше за влијанието на науката во справување со климатските промени, од аспект на зачувување на водните ресурси и обезбедување пристап до чиста и безбедна вода, со цел заштита и спречување на болести.
Беа разгледани аспектите на влијанието на науката и технологијата во подобрување на квалитетот за живот, потребата од инвестирање во науката и еколошката технологија со цел изнаоѓање решенија за подобрување на животната средина, како и за начините на кои жените научнички можат да придонесат во подобрување на достапноста на чиста вода за пиење и за хигиенски потреби.
Во дискусијата учествуваа и асистентките Марија Прошева, Ива Димитриевска, Деспина Костадинова и магистрант Ема Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

