Македонија
Ѓорчев во Стејт департментот во Вашингтон
Пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, е во неколкудневна работна посета на Соединетите Американски Држави. Во рамките на неговата посета Ѓорчев оствари средба со претставници на Стејт депарментот, а се сретна и со Даниел Твининг, претседател на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) од Вашингтон, информираат од партискиот Центар за комуникации.
Ѓорчев на средбата во Стејт департментот се сретна со Дејвид Костеланчик, новиот директор на одделот за јужна и централна Европа, заменик-директорот Мајкл Константино, како и Џил Дитрих од канцеларијата за Македонија, кои ги информира за актуелните политички состојби во Македонија.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги развива силните билатерални односи на Македонија со САД, како и стратешкото партнерство базирано на договорот од 2008 година. Македонија ќе биде активна членка на НАТО, заедно со нашите сојузници од евро-атлантската заедница“, изјави Ѓорчев.
Тој ги информира соговорниците и дека ВМРО-ДПМНЕ подготвува сериозна и конкретна програма за привлекување инвеститори и нови фабрики на компании од САД во Македонија.
„Со напорна работа и економските политики на ВМРО-ДПМНЕ ќе настојуваме да донесеме уште повеќе инвеститори од САД, како и Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Холандија, Белгија, Австрија и други земји“, посочи Ѓорчев.
На средбата со претседателот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), Даниел Твининг, беше констатирано дека ВМРО-ДПМНЕ и ИРИ ќе продолжат интензивно да соработуваат во делот на политичките обуки, кампањи, комуникација со гласачите, надворешната политика и другите аспекти на политичката соработка.
„ВМРО-ДПМНЕ и ИРИ соработуваат со години. Лично се сеќавам кога заедно со Борис Трајковски ја почнавме таа соработка во 1998 година со првиот претставник на ИРИ за Македонија, Кент Патон. Денес, ИРИ во Скопје има одличен тим и канцеларија, а тоа е гаранција дека ќе продолжат добрите проекти и нашата заедничка соработка и партнерство“, заклучи Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.