Македонија
Ѓорѓиевски: Да се истражи дали Ременски користела информации од тајната полиција
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција побара да се истражи дали пратеничката Фросина Ременски користела информации и услуги од тајната полиција, со помош на кои го вршела криминалот кој што во моментот и се става на товар.
Орце Ѓорѓиевски од опозициската партија оцени дека е иронично тоа што сопругот на Ременски, Јовче Ременски е функционер во новоформираната Агенција за национална безбедност.
„Дали Јовче Ременски знаел за криминалот кој сега се става на товар на неговата сопруга? Дали свесно ги прикривал и бил соучесник во истиот или нема никаков капацитет за функцијата што ја извршува? Дирекцијата за класифицирани информации и АНБ треба веднаш да ја преиспитаат одлуката со која му е доделен безбедносен сертификат и да го стават под повторна контрола Јовче Ременски“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, иронично е и Фросина Ременски да остане пратеник кој ќе го гласа буџетот на Русковска, ќе носи и закони од областа на безбедноста, а треба да дискутира и за законот за обвинителство.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека обвинителството ги прикрива трагите кои водат до главата на октоподот во случајот „Рекет“. Според нив, на Ременски свесно и биле оставени шест месеци за да влијае на истрагата и да ги чисти доказите, иако уште пред половина година сите знаеле за вмешаноста на „Фрики“ во оваа аферата.
Орце Ѓорѓиевски на прес-конференција рече дека симболичното замрзнување на партиските функции е само замачкување на очите на јавноста, во ситуација кога премиерот Зоран Заев врши јавен притисок врз органите на прогонот прогласувајќи ја за невина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

