Македонија
Ѓорѓиевски најави историска трансформација на Скопје
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска соопшти дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година, по средбите во Брисел. Заедно со министрите Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, Ѓорѓиевски оствари средба со еврокомесарот Глен Микалеф, каде ја претстави подготвеноста на градот да влезе во нова ера на европски стандарди и трансформација.
Градоначалникот најави историска трансформација на градот преку деблокирање на процесот, воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучна инфраструктура.

„Деновиве, заедно со министерот Тимчо Муцунски и Зоран Љутков сме во Брисел, каде што остваривме значајна средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалеф. Ја претставивме нашата јасна позиција за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и подготвеноста на градот, со силна меѓуинституционална поддршка, да ја продолжиме реализацијата на оваа важна европска обврска. И денес можам со гордост да кажам, дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година“, објави Ѓорѓиевски.
Како нов градоначалник, додаде тој, ја отворам најважната страница за нашиот град, започнуваме историска трансформација што ќе нè подготви конечно да ја носиме оваа титула со достоинство.
„Проектот беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но со сериозна работа во изминатиот период го деблокиравме процесот и го насочивме кон транспарентно, професионално и законско функционирање. Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје, град што ја вклучува заедницата, ги поттикнува младите, ги поддржува уметниците и создава услови за силна културна размена. 2028 е моментот кога Скопје конечно ќе стане јасно присутно на европската и светската културна мапа“, вели Ѓорѓиевски.
Тој најави инфраструктурни промени во градот.
„Започнуваме и со клучни инфраструктурни промени како што се Скопско Кале, Аквадуктот, Скупи, МКЦ, нов Европски центар за култура, зелени магистрали, нови паркови и современи јавни простори – инвестиција од над 55 милиони евра што ќе го трансформира градот. Паралелно, го склучуваме и итниот Договор за локална соработка и интеграција – прв од ваков ранг во Скопје, кој ги обединува 10 општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, НВО секторот, маргинализираните заедници и секој граѓанин што сака да придонесе“, објави градоначалникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

