Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски најави повратен удар: Арсовска не си ги знае ингеренциите
Неспособноста и агресивноста на Арсовска кулминира во последните 24 часа. Освен тоа што на очиглед на целата јавност може да се забележи дека таа нема капацитет, некадарна е и неспособна за водење на градот Скопје, со последната нејзина активност и обидот да се пише казна по џебот на граѓаните на Кисела Вода, покажува дека ниту си ги знае своите надлежности ниту си ги знае своите ингеренции и што е најстрашно – не знае која е територијата што истата ја администрира, обвини на денешната прес-конференција градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Во неделата неколку градоначалници со камиони со отпад беа попречени да го одложат во „Дрисла“.
„Како општини и градоначалници излеговме со наши колеги од соседни општини од Македонија да се справиме со проблемот што го создаде Град Скопје, Данела Арсовска, ‘Комуналната хигиена’. Со денови не знаеше да го реши. Токму затоа се самоорганизиравме, почнавме сами да си ги чистиме улиците. Откако неколку камиони беа наполнети со отпад, се упатија кон ‘Дрисла’, каде што за одлагање нема потреба од никаков договор, одлуката е донесена од 2005 година. Сите општини може да одлагаат отпад во ‘Дрисла’ за тоа да им се изработи фактура и да се наплати“, рече градоначалникот.
Тој обвини дека лажат оти нема договор и приложи влезни фактури до Општина Кисела Вода.
„Додека се спречуваше камионите од Кисела Вода и Сопиште да одложат отпад во ‘Дрисла’, возила со италијански регистарски таблички, селективно, но и други возила, се пуштаа да одлагаат отпад. Замислете, возилата на граѓаните на општина Кисела Вода, сопственост на Општината, биле попречувани да го одложат отпадот во ‘Дрисла’. Само нашите камиони беа задржани еден и пол час. По неколкупати повикување на разум од наша страна да го внесеме отпадот во ‘Дрисла’, немавме друга опција, освен да го одложиме пред јавното претпријатие ‘Дрисла’. Втората опција беше отпадот да го вратиме во Кисела Вода. Отпадот го одложивме пред ‘Дрисла’. Со ова Арсовска покажа дека, освен тоа што не си ги врши работите, туку и нè попречува ние да си ги завршиме работите за кои таа не е способна да ги изврши“, додаде тој.
Градоначалникот објасни дека депонијата „Дрисла“ се наоѓа дел од Сопиште и дел од Студеничени, општини надвор од ингеренциите на Град Скопје.
„Сакам да ја прашам Арсовска дали ги знае своите надлежности кога испраќа инспектори од Град Скопје да казнуваат надвор од границите на градот. Дали оваа постапка значи дека Арсовска може да влезе во филм дека е министер за внатрешни работи, па да почне да казнува народ на улиците и да ги апси. Госпоѓата не знае кои ѝ се надлежностите и ингеренциите. Таа нема капацитет за водење на институцијата, не знае да се справи со ниеден проблем. Ниту ги знае своите ингеренции ниту ја знае територијата со која администрира“, рече тој.
Ѓорѓиевски праша зошто новото раководство на „Комунална“ две години ги штитело луѓето што не оделе на работа, а примале плата.
Во однос на казната, градоначалникот објасни дека нема никаков основ, а правниот тим на Општината ќе постапи против неа.
„За оваа казна нема ниту еден денар да биде потрошен од буџетот на Кисела Вода, за оваа казна нема основ. Во која било ситуација во иднина, доколку се појави проблем, а не е во моја надлежност, никогаш нема да бидам нем набљудувач. Нашиот правен тим ќе постапи против казната, не е стигната, а имаме информации дека е изречена од Град Скопје. Казната е за одлагање отпад во неделата. Изречени се казни и за Општина Сопиште и 86 илјади евра на Кисела Вода за одложување отпад на јавна површина. Ингеренциите се на Општина Сопиште и на Општина Студеничани“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

