Македонија
Ѓорѓиевски: Ние ќе ги решаваме проблемите на скопјани, оваа битка не е само битка за поубави и почисти улици и паркови, ова е битка за душата на нашиот главен град
Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ на претстојните локални избори, се обрати од денешниот народен митинг, кој се одржа во општина Ѓорче Петров, во рамки на изборната кампања чиј слоган е „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“.
„Во Ѓорче Петров, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи како никогаш до сега. Ви благодарам однапред за вашата поддршка, за вашата посветеност, Скопје да го направиме градот кој повторно ќе биде нашата гордост. Ѓорче Петров да продолжи успешно да се развива како и до сега со Александар, но од после изборите и градот Скопје да заличи на едно убаво и пристојно место за живеење, за сите нас скопјани. По изборите секој еден од вас кој сега е мојот глас до граѓаните ќе оди гордо по ѓорчевските улици“, рече Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски потенцираше дека ќе го даде својот максимум, како градоначалник на Град Скопје, и како што вели тој, важно е да се гледа на предизвиците како решенија на перспектива.
„Скопје, почитувани, нема повеќе време за изговори. Скопје повеќе нема време за експерименти. На Скопје му треба докажана работа. На Скопје ќе треба да го дадеме својот максимум, со љубов и да гледаме на предизвиците како решенија на перспектива“, кажа Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски им порача на опонентите, дека Скопје нема време за втори шанси.
„Сакам само кратко да им порачам на нашите опоненти, јасно и гласно. Скопје нема време за театар, нема време за неуспешни обиди и нема време за втори шанси“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој претстави дел од проектите, кои ќе ги реализира како иден градоначалник на Град Скопје, и кои ќе го променат животот на скопјани.
„Нема да дозволам, вашето Ѓорче Петров да тоне во ѓубре. Тоа повеќе нема да биде случај како што имаме проблем во моментов. Нашето Скопје, но и Ѓорче Петров мора да бидат чисти. Мојата прва акција како градоначалник на главниот град ќе биде генералка на главниот град. Масовна акција во која што за 72 часа ќе си го исчистиме нашиот главен град“, истакна Ѓорѓиевски и додаде:
„Веднаш потоа ќе следува 4 годишната програма, град без депонии со која моменталните диви депонии ќе станат минато зад нас. Сакам да најавам и за новиот резервоар за слаб притисок на водоводот во Ѓорче Петров. Во Ѓорче Петров, каде граѓаните со години се соочуваат со слаб притисок и со несигурност со водоснабдувањето ќе изградиме нов резервоар и пумпна станица на оризарски рид. Ќе обезбедиме стабилен притисок и сигурна вода која што ќе им служи на генерациите после нас“.
Ѓорѓиевски посочи дека не бега од проблемите, туку има решенија за истите.
„Ние не бегаме од проблемите ние ќе ги решаваме. Оваа битка не е само битка за поубави и почисти улици и паркови, ова е битка за душата на нашиот главен град. Битка за иднината на нашите деца да растат во метропола со европски вредности, но со македонски печат пред се“, заклучи Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

