Македонија
Ѓорѓиевски: Спасовски и функционерите од МВР кои се фотографираа со убиецот мора да понесат одговорност
Спасовски и функционерите од МВР кои се фотографираа со убиецот мора да понесат одговорност, изјави денеска на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Раководството на МВР спие и нема оперативни информации и не може да го превенира дури ни криминалот на кој се оддале одредени поединци. Дали е тоа поради фотографиите што ги имаат со актуелниот врв на министерството или политичките врски, треба да одговори најодговорниот, министерот Оливер Спасовски. Наместо одговор, тој одлучува да ја набедува ВМРО-ДПМНЕ и не зборува за поврзаноста на неговиот заменик со убиецот. Замижувањето пред фактите нема да ја врати безбедноста на граѓаните. Напротив, испраќа порака дека со фотографијата со функционери од СДСМ или ДУИ има дозвола за убиство“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека сите се вознемирени како е можно вакви луѓе да имаат позиции во полицијата и да се фотографираат и уживаат најголема поддршка од највисоките функционери во министерството, вклучувајќи и јавни обвинители.
ВМРО-ДПМНЕ побара од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, да поднесе оставка од функцијата и да одговори дали МВР има информација за незаконски дејствија од страна на полицискиот службеник пред да изврши брутално убиство и како постапило.
„Овој случај покажува на кое дереџе е доведено МВР и какви луѓе добиле овластувања да носат пиштол и друг вид огнено оружје. Оливер Спасовски за ова мора да понесе одговорност. Бегање од одговорност не смее да има. Одговорност мора да има и од Нухиу, кој е сликан со убиецот. Дали ОЈО ќе го повика Нухиу да ги објасни фотографиите. Спасовски молчи и не ни коментира ни дали се сретнал со Артан Груби и Агим Нухиу за да ги праша дали и какви се нивните врски со убиецот“, рече Ѓорѓиевски.
Претходно денеска Спасовски изјави дека македонската полиција реагирала веднаш и за неколку часа бил утврден сторителот. Министерот додаде дека полицискиот службеник бил вработен од страна на ВМРО-ДПМНЕ во македонската полиција и порача до опозицијата да ја бара вината на адресата на поранешниот министер од нивните редови, Митко Чавков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре ќе биде променливо облачно, на планините снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе дува слаб ветер од променлив превец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Пообилни врнежи ќе има во недела кога ќе преминуваат во снег и во некои од пониските места. Од понеделник во текот на денот ќе настапи постепено стабилизирање на времето со опаѓање на утринските температури, а дневните ќе бидат во пораст.
Македонија
Мицкоски: Почната е постапката и обезбедено е финансирањето за 150 електрични автобуси
Премиерот, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека обезбедени се средства за набавка на 150 електрични автобуси за Скопје и општините со организиран јавен превоз.
„Она кое што можеме ние како влада да го направиме е да обезбедиме транспорт за општините, онаму каде има организиран, којшто ќе биде еколошки. И токму таа е целта на набавка на овие 150 еколошки автобуси коишто се на електричен погон, користат исклучиво енергетско напојување кое за животната средина нема штетно влијание. Постапката е веќе почната, средствата ќе ги обезбедиме од влада со влада стратешкото партнерство со Унгарија, во најголем дел, а помал дел обезбедени од буџет под услови подеднакво доби како што претходно беше и оној прв договор за кредитно задолжување со Унгарија“, потенцираше премиерот Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеничката Биљана Кузмановска.
Премиерот Мицкоски појасни дека овие 150 автобуси ќе бидат распределени во сите општини во кои има организирано јавен градски превоз, односно Град Скопје ќе добие 100, а останатите општини ќе добијат 50 автобуси.
„Конкретно во Скопје во насока на намалување на аерозагадувањето, тука ќе го споменам и Градскиот воз чија што прва делница сега се прави, а потоа ќе следат втората и третата, и очекувам заедно со БРТ системот и новите проекти во делот на гасификацијата, односно когенерацијата, заедно со производство на електрична енергија и топлина во периодот кој следи драматично да се намали аерозагадувањето. Ова се конкретни потези, сме ги лоцирале точките и работиме и ќе треба време. Процесот е почнат, обезбедено е финансирањето под услови исти како што имавме со претходниот заем, три години грејс период, каматна стапка од 3,25% минимум за останатиот период до 15 година отплата во рамките на стратешкото партнерство со унгарската влада. Следи процедура и набавка на овие 150 автобуси и нивна распределба“, нагласи премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски воедно истакна дека оперативните трошоци ќе бидат драматично намалени, ефектот е повеќеслоен, позитивен за аерозагадувањето, односно нема да има, но исто така позитивен ќе биде во делот на одржување на истите.
Македонија
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ ги усвои Предлог- програмата и план за работа и Предлог Извештајот за работата на Фондот во 2025 година
Управниот одбор на Фондот на ПИОМ на дваесет и деветтата седница разгледа и усвои повеќе документи од негова надлежност.
Најнапред директорот на Фонодт, Никола Мемов, го информира Одборот за активностите во претходниот период, при што нагласи дека е остварена средба со Мисијата на Светска банка во врска со СИАП проектот, при што е нагласено дека согласно договореното во Фондот е екипирано Одделението за долгорочно планирање. Мемов рече дека во наредниот период ќе бидат направени подлабоки анализи и предвидувања за финсниските потреби на Фондот.
Членовите на Управниот одбор ги усвоија Предлог – Програмата и Планот за работа на Одборот во 2026 година.
Станка Трајкова, член на Одборот предложи Планот да се дополни со изготвување на Информација за остварувањетео на правото на пензија по воведувањето на задолжителното капитално финансиско осигурување, што беше прифатено.
Исто така, беше усвоен и Предлог – Извештајот за работата на Фондот во 2025 година. Директорката на Секторот за финансии во Фондот, Фатиме Неџипи нагласи дека во Извештајот се опфатени сите финансиски активности во изминатата година, со што може да се добие целосна слика за финансиското работење на Фондот.
Директорката на Секторот за остварување на правата, Билјана Стојанова ги презентираше активностите и деталите во доменот на остварувањето на правата, при што нагласи дека покрај редовните активности во изминатата година е озвоможена нова опција за следење на М1/М2 пријавите од АВРМ, а се одржани и повеќе обуки за нововработените лица.
Управниот одбор на Фондот ја усвои и Предлог – Одлуката за донесување на Годишниот план за јавни набавки на Фондот за 2026 година.
На седницата членовите на Управниот одбор беа информирани и за спроведените јавни набавки во минатата година, а беше донесена и Одлука за висината на благајничкиот максимум на Фондот за оваа година.

