Македонија
Ѓорѓиевски: Техничкиот преглед на „Дурмо турс“ добил забрана, но по неколку дена решението е поништено
Техничкиот преглед на „Дурмо турс“ добил забрана, но по неколку дена решението е поништено, изјави Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција.
Тој рече дека компанијата „Дурмо турс“, која е сопственик и превозник чиј автобус излета од патот, била воедно и сопственик на станица за технички преглед „Авто-мото здружение“ – Гостивар. Она што е сомнително, истакна Ѓорѓиевски, е што истата „Дурмо турс“ своите возила ги регистрирала токму во сопствениот технички преглед во Гостивар.
„Станицата за технички преглед „Авто-мото здружение“ – Гостивар добила забрана за вршење технички преглед од страна на Министерството за внатрешни работи, но само по неколку дена, вршен е нов надзор и решението за забрана им е поништено. Прашањето е зошто дозволил министерот иако по закон е изречена забрана за вршење технички преглед во времетраење од 30 дена, да се изврши нов надзор за само 7-10 дена, односно повторен увид и врз основа на записник и мислење од Бирото за јавна безбедност – сектор за сообраќајни работи, да му издаде ново решение за работа, што е спротивно на законот за давање и одземање овластување за технички преглед“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој праша кој го потпишал записникот за увид, кој излегол на увид и со чија наредба, иако знаел дека во законски предвидениот рок од 30 дена не смее да врши увид ако не се отстранети сите неправилности.
„Дали за време на забраната е вршен технички преглед, а потоа се дорегистрирани сите возила што се поминати за време на одземеното овластување. Зошто не е санкционирана станицата за вршење технички предглед за стореното кривично дело? По закон, станиците треба да го чуваат видеонадзорот 12 месеци. Дали се извадени снимки од видеонадзорот за да се утврди дали автобусот бил во станицата и на кој начин е вршен технички преглед?“, праша Ѓорѓиевски.
Додаде дека мора да има одговорност и да се расветли случајот во кој несреќно животот го загубија 15 луѓе и уште толку беа повредени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво

