Македонија
Ѓорѓиевски: Џафери не смее да го потпише законот за јазици наместо Иванов
Неуставниот, неприменлив и штетен закон за двојазичност Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ на сила и шверцерски го истуркаа во Собранието, со флагрантно кршење на законот и деловникот за работа, обвини денеска на прес-конференција Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Насилието и кршењето на постапките е одраз на заробена и киднапирана држава од страна на Социјалдемократскиот сојуз, коишто охрабрени од власта што ја имаат се стваат над законите. За ваквото самоволие и газење на демократијата, Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ ќе сносат и политичка, но и правна одговорност. За Талат Џафери ќе биде покрената и кривична одговорност за непочитување на Уставот и на законите на Република Македонија“, рече на пресот Ѓорѓиевски.
Тој воедно подвлече дека единствената институција што не подлегнала на притисоците на Социјалдемократскиот сојуз и ДУИ и застанала во одбрана на Уставот и државните интереси е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
„Секој обид да биде погазена и институцијата претседател ќе повлече дополнителна одговорност за сторителите. Директорот на ‘Службен весник’, доколку се обиде да го објави законот за двојазичност без потпис на претседателот Иванов свесно ќе стори кривично дело ‘злоупотреба на службената положба и овластување’ по член 353 од Кривичниот закон на Република Македонија. Ова дело не застарува за година, две или три за да може да биде амнестиран од судството на Зоран Заев. Со оглед на тежината на делото и огромните штети по буџетот на Република Македонија кои би ги предизвикало незаконското објавување во ‘Службен весник’, ставот 5 од членот 353 предвидува затворска казна од најмалку 5 години“, предупреди Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека македонското правосудство веќе има пракса за постапување во вакви случаи.
„Уставниот суд во минатото има утврдено дека е неуставен двојниот потпис на Указот од страна на еден од поранешните претседатели на Собранието кога не е исполнет ниту еден од основите предвидени во член 82 од Уставот. Уставот и законите се јасни, Талат Џафери не смее да си дозволи да го потпише законот за двојазичност на местото наменето за потпис на претседателот Иванов“, истакна Ѓорѓиевски.
Рече дека Талат Џафери и да го потпише законот на местото наменето за претседателот, тоа нема да биде валидно бидејќи тој не може да го заменува претседателот Иванов кога тој во целост си ја врши својата претседателска функција.
„Уставот мора да се почитува. Без потпишан указ од страна на претседателот на Република Македонија нема закон, а доколку некој се обиде и се осмели да го прекрши Уставот ќе сноси и соодветна кривична одговорност“, нагласи Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

