Македонија
Јавните средства под јавен надзор, ниеден проект не е веќе некаде таму скриен – Мицкоски ја промовира новата платформа
Премиерот Христијан Мицкоски денес ја промовира новата платформа за следење на проектите финансирани од Владата оценувајќи дека алатката претставува чекор напред во политичката култура, модерното управување и транспарентноста.
Мицкоски истакна дека платформата овозможува секој граѓанин, општина, новинар и претставник на граѓанскиот сектор во реално време да го следи текот на проектите што ги финансира Владата. Според него, со ова се воспоставува нова рамка на доверба, во која јавноста има директен увид во потрошувачката на јавните средства.
Тој нагласи дека транспарентноста е суштинско демократско правило и одговор на дезинформациите оценувајќи дека платформата е политичка порака оти Владата работи чесно и во интерес на граѓаните. Мицкоски посочи дека медиумите добиваат моќен алат за следење на секоја фаза од реализацијата на проектите.
„Ниеден проект веќе не е некаде таму скриен во институционалните лавиринти. Сега е јавен, видлив и проверлив“, рече премиерот.
Премиерот ги презентира и резултатите од јавните повици за финансирање. Преку првиот повик се опфатени 288 проекти во вредност од речиси 4,6 милијарди денари. Според Мицкоски, сите проекти се почнати, за сите се склучени договори, 193 се завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште шест проекти тендерската постапка е завршена.
Тој истакна дека проектите опфаќаат инфраструктура, животна средина, спорт, култура и образование нагласувајќи дека тоа значи подобри услуги и подобар квалитет на живот.
Премиерот се осврна и на вториот јавен повик финансиран преку унгарскиот кредит, во кој се опфатени 828 проекти со вредност од 13,8 милијарди денари. Според него, над 50 од нив се завршени или во завршна фаза, а за повеќе од 500 се потпишани договори.
Мицкоски рече дека Владата работи транспарентно и современо, дека јавните средства се под јавен надзор и дека платформата воспоставува нова култура на владеење во која секоја информација е достапна и секое ветување е проверливо. Тој порача дека ова е следната фаза на институционална зрелост, каде што резултатите се одговор на јавните очекувања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

