Македонија
Јакимовски: Во овие тешки времиња многу е битно кој ќе биде врховен командант
Во Прилеп го искажуваме нашиот восхит од херојството на нашите борци кои на 11 октомври 1941-та го означија почетокот на нашата битка за слободна и самостојна Република Македонија, рече канидатот за претседател на партијата „ГРОМ“, Стевче Јакимовски од Могилата на непобедените во Прилеп.
-За восхит е, тогаш, да се подигнеш против Третиот рајх, против оската Рим, Токио, Берлин, да се кренеш против бугарскиот фашистички окупатор и без посредство на масовни медиуми да застанеш на вистинската страна на историјата, и како резултат на таа наша херојска борба, на Првото заседание на АСНОМ да ги удриш темелите на современата македонска држава и да го исполниш вековниот идеал на Илинденците и на сите оние кои ги положиле животите за македонската држава. За жал имаше меѓу нас кои АСНОМ го избришаа од Уставот и, практично, и денеска продолжуваат со разнишување на темелите на македонската држава и со нејзино обезличување, како и со насоки како Македонците конечно да бидат исфлени од Уставот на Република Македонија, рече Јакимовски.
Како иден претседател и врховен командант на оружените сили Јакимовски рече дека живееме во тешко време, обременето со војни кои може да се прошират на европско тло. Упати апел за подготовка на земјата за виорно време со набавка на оружје муниција, производство и складирање храна. Многу е битно кој ќе биде врховен командант.
-На 1 200 километри јужно од нас и на 1 200 километри воздушна линија северно од нас се одвивааат страшни војни. Тоа јасно покажува дека живееме во тешко време и многу е битно кој ќе биде врховен командант на оружените сили на Република Македонија, зашто за многу кратко време може да се случи да влеземе во страшна војна, зашто во 2013 година на тлото на Европа, НАТО немаше ниту еден тенк, денеска се преку 3000 тенкови. Тоа јасно покажува дека може Македонија, и цела Европа, да ја зафати воен вител и ние мора да бидеме максимално одговорни. Мојот апел како иден претседател на Република Македонија е: итно да се набавуваат оружје и муниција, итно да се зголемат сточниот фонд, производството на храна, да работи конзервната индустрија, да се обезбеди храна за живината и за целата стока. Ако дојде до сериозна војна на тлото на Европа, тоа значи дека ќе бидат затворени сите граници, ќе се запре извозот од секоја држава и ќе дојдеме во многу слична ситуација како онаа кога беше ковид-кризата. Одговорни субјекти, одговорен претседател на Република Македонија мора да ги има предвид сите овие аспекти и мора државата да ја подготви за евентуално најлошото сценарио. Ваквите стимулации за производство на храна, житарки, за подигање на сточниот фонд мора да траат се додека не завршат овие опасности од воен вител, изјави Јакимовски.
Меѓу другото кандидатот за претседател на ГРОМ, Стевче Јакимовски се залага да нема влез на Бугарите во Уставот без комплетно затворање на „бугарското прашање“, а во државата се неопходни реформи.
-Ние не прифаќаме да разговараме за идентитетот и за јазикот, а за историските личности ќе си кажат историчарите. Исто така, сметам дека во Македонија мора да се направат неколку клучни реформи: во образованието, во здравството, во државната администрација, рече Јакимовски од Могилата на непобедените во Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

