Македонија
Јанакиески усно казнет со 3 години, а писмено добил 3,6 години за ТНТ: недостигаат 248 докази, има пропусти, не се знае кој е оштетен
Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, бара правда од Апелација за предметот ТНТ, кој се однесува за уривањето на објектот „Космос“. Остана на тврдењето дека не постапил незаконски и дека тоа е потврдено со 36 одлуки, пресуди и решенија. На судечкиот совет му посочи дека во пресудата на Кривичниот суд има низа пропусти, па побара да биде ослободен или предметот да се врати на повторно судење.
Прво, постои решение и 36 одлуки, пресуди и решенија на Управниот суд, Основниот граѓански суд, Врховниот суд на РСМ, со кои е утврдена законитост во постапувањето на Општина Гази Баба, т.е. дека решението за уривање е законито. Второ, дека не постои основ за штета, т.е. се одбива барањето на оштетениот за надомест на штета. Дури и Уставниот суд со одлука од 21.12.2011 утврдил дека не постои дискриминација на Фијат Цановски по основ на политичка припадност. И покрај тоа што сите претходно споменати судски одлуки се во правен промет, значи ниту се изменети ниту, пак, поништени, во обжалената пресуда Основниот кривичен суд Скопје утврдува дека решението е незаконито, дека незаконски се рушело и дека му следува штета на Фијат Цановски и неговата фирма. Имено, судот воопшто не ги анализира овие пресуди и само констатира дека тие не биле спротивни на обвинителниот акт, што е апсолутна невистина. Исто така, во целост е погрешно повикувањето на бланкетните норми, кои не се однесуваат на решение за рушење, туку за санација на покрив. За потсетување, и самиот Фијат Цановски призна дека градел спротивно на одобрението за градење, но судот процени дека треба да донесе пресуда со цел остварување лична корист на Цановски“, рече Јанакиески во Апелација.
Тој додаде дека на денот на објавување на пресудата тој бил осуден на три години затвор, а во писмено изработената пресуда е осуден на 3 години и шест месеци. Негира дека го поттикнал тогашниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, незаконски да го урива „Космос“ посочувајќи дека немал ниту еден контакт.
„Не постои ниту еден доказ дека сум имал каков било контакт со Тони Трајковски и покрај повеќе од 80.000 незаконски снимки и над 200.000 СМС-пораки за кои СЈО на времето тврдеше дека имало во целокупниот материјал што им бил на располагање“, додаде Јанакиески.
Бурим Рустеми го нарече „незаконски обвинител“.
„Овој предмет незаконски го застапуваше обвинител, т.е, виш јавен обвинител, кој, замислете, како виш обвинител поднесе и жалба на пресудата. Каде е тука двостепеноста во постапката? Имено, цело време од одбраната се криеше фактот, но тоа го утврдивме при увид дека по влегување во сила на новиот закон за Јавно обвинителство и по именувањето на Бурим Рустеми за виш јавен обвинител, дека на 9.11.2020 година јавниот обвинител Љубомир Јовевски го овластува обвинителот Гаврил Бубевски да го води овој предмет. На одбраната не ѝ беа дадени сите докази, што е еклатантно кршење на правата на одбраната за што има став и ЕСЧП. На пример, од листинзите на мобилниот телефон на Фијат Цановски, што сам ги доставив, јасно се гледа дека во критичниот период има 9 пораки помеѓу Груевски и Фијат Цановски, а Обвинителството достави 5“, додаде Јанакиески.
Се осврна и на вештачењето од Мирослав Грчев.
„За ова вештачење има поднесок од одбраната дека неговото сведочење е незаконско бидејќи вештачел на копии, не смее и не можел да вештачи во согласност со Законот за вештачењето, бил во кумашински врски со судијата кој постапувал во прв степен во овој предмет како претседател на совет и ја донел сега обжалената пресуда и најбитно како тоа урбанист вештачи за градба, но судот спротивно на ЗКП не се произнесе по овој поднесок како што не се произнесе и за други 12 поднесоци, кои се од суштински карактер“, посочи Јанакиески.
Дециден е дека пресудата е нејасна и неразбирлива. Тврди дека не се наведени 248 докази изведени во текот на постапката.
„Не е утврдено кој е оштетен во пресудата, постојат три правни или физички лица, кои судот ги утврдува како оштетени за истата наводна штета; Во пресудата ги наведува сведоците како сведоци на Обвинителството, тие беа и на одбраната, но тоа не е нотирано во пресудата; Судот како вешти лица на одбраната ги наведува Александар Петровски, Горан Смилевски, Емилио Фришчиќ и вештите лица Павле Гацов и Насер Хоџа. Ова е погрешна утврдена состојба бидејќи ова се вешти лица на Обвинителството, а не на одбраната; Во пресудата нема наведено 248 докази што беа изведени во текот на главната расправа. Судот не извршил анализа на стручните докази (мислењата на техничките советници) предложени од одбраната наспроти опсежната анализа на стручните докази предложени од Обвинителството“, рече Јанакиески во дел од образложението.
Им посочи на судиите да ја имаат предвид поврзаноста на предметот ТНТ и предметот „Рекет 2“.
„Но, исто така, пред да ја носите пресудата, ве молам да ги имате предвид и аспектите што излегоа во јавноста во врска со тесната поврзаност на предметот ТНТ со предметот ‘Рекет 2’, а никогаш не беа расчистени и покрај поднесоците на одбраната, пред сè, за искажаната благодарност на Ардијан Амзоски ден пред повлекувањето на обвинителниот акт од страна на тогашното СЈО, кое се водеше токму за овој ист кривично-правен настан“, додава Јанакиески.
Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани донесоа осудителни пресуди за сите обвинети за случајот познат како ТНТ за уривањето на објектот „Космос“, сопственост на бизнисменот Фијат Цановски. Експремиерот Никола Груевски, кој се гони за поттикнување, односно злоупотреба на службената положба и овластувањето, доби девет години затвор. На поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески му се досудени три години затвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

