Македонија
Јаневска: Во училиштата нема место за какво било насилство
Насилството и училиштето не одат заедно. Министерството за образование и наука е посветено да ги заштити децата и младите, преку градење на безбедна и поддржувачка средина каде што ќе можат да растат, учат и да напредуваат, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на настанот организиран од Мисијата на ОБСЕ „Насилство врз млади жени и девојки: сексуално вознемирување и следење“.
„Системот на воспитување и образование има воспоставено механизми за спречување и справување со насилство, вклучително и насилство врз девојчињата и младите жени. Првиот механизам е преку регулативата, што сега е предмет на ревизија, со цел да зајакнеме повеќе сегменти, меѓу кои и заштитата од секакви форми на дискриминација и насилство. Во делот на превентивата, воведуваме одредба дека во училиштата се остваруваат и програми за заштита од насилство и за спречување дискриминација, низ различни наставни и воннаставни активности кои се организираат со родители/старатели, општини, граѓански здруженија и така натаму“, посочи министерката.
Во воспитно-образовниот процес, местото на наставникот е клучно и од аспект на градење свест кај учениците дека никој не смее да биде жртва на насилство, а доколку се случи, за насилството не треба да се молчи. Наставниците посетуваат и обуки за препознавање и спречување на родово базирано насилство. При секое несоодветно однесување на ученик, наставникот прво се труди сам да го надмине предизвикот, по што може да се вклучи и стручната служба во училиштето, а понатаму и Педагошката служба при министерството.
„Како Министерство, ги охрабруваме сите ученици и ученички да пријавуваат насилство во каква било форма, и тоа го прават на електронската адреса [email protected], директно во Педагошката служба или во Државниот просветен инспекторат“, укажа Јаневска.
Во контекст на превенирање на какви било несакани однесувања, министерството на почетокот на оваа учебна година до училиштата достави насоки да се организираат повеќе активности наменети за подигање на свеста за важноста од градење мирни и хармонични училишни заедници. Меѓусебното разбирање, почит и емпатија се темелите
на таквата средина и тие се вредности кои сакаме да ги всадиме кај нашите млади луѓе уште од рана возраст.
Министерката посочи и дека МОН спроведува мерки и активности не само за да ги заштити девојчињата од насилство, туку и за нивна поголема вклученост во повеќе аспекти и сегменти на образовниот систем. Како примери ги наведе поддршката за вклучување во СТЕМ областите и предноста при аплицирање за стипендии доколку поголема конкуренција се момчињата.
Изразувајќи благодарност до Мисијата на ОБСЕ за поддршката што ја дава на МОН, порача дека само со заеднички напори може да се создаваат квалитетни генерации, вклучително и девојки и жени подготвени да предводат нови општествени промени кон подобро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа, за Мицкоски тоа е историски момент и признание за нивото на демократија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа и дали можеме да го цениме ова како напредок, изјави дека тоа е историски момент.
„Ова е историски момент, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста. Односно, Македонија веќе не е опфатена со пост мониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, сите овие фронтранери во регионов, нели имаме фронтранери во европските интеграции или се во мониторинг или се во пост мониторинг. Пред само три-четири месеци, земја членка на ЕУ, како Бугарија, излезе од овој пост мониторинг, сега и ние излегуваме. Тоа е само признание за нивото на демократија во државата.
Ќе ве потсетам, дел од вас бевте присутни пред неколку дена, кога ми беше поставено прашање, дали Владата влијае на слободата на говорот. Еве еден најголем демант, ова е најголемиот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси коишто ги мониторира Советот на Европа“.
Според него, тоа е уште една добра вест, покрај онаа каде Европската Унија го препозна проблемот со камионџиите.
„Тоа е уште една добра вест, покрај онаа со којашто Европската Унија го препозна проблемот со, не само камионџиите, би рекол, со друмските превозници, зборувам тука и на товарниот и на патничкиот сообраќај, не е само тоа случај кај превозниците со камиони. Но, во периодот што следи ќе има уште многу добри вести. Така што сите оние невистини, лаги од страна на опозицијата коишто беа кажувани изминатиов период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меур од сапуница. Но, и на оние нивни перјаници во медиумите коишто ги засилуваат лагите на опозицијата, мислејќи дека на тој начин ќе ми наштетат мене и на Владата. Еве нема поголем демант од овој којшто дојде директно од Стразбур, од Советот на Европа. Којшто вели Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот и дека таа држава е зрела, да понатаму ја гледаме како навистина зрела демократија, за разлика од другите земји од Западен Балкан. Сите се или во пост мониторинг или во мониторинг, вклучително тука зборам и фронтранерите Црна Гора, Албанија и така натаму.“
Македонија
СДСМ во Собранието го поднесе Законот за минимална плата од 600 евра за работниците
Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието го поднесе предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, соопштија од оваа партија.
„Согласно потребите на работниците и барањата на синдикатите, со измените вистината на минималната плата се одредува на 36.960 денари односно 600 евра.
Во образложението се наведува дека во текот на 2025 година е евидентиран континуиран пораст на инфлацијата, при што индексот на трошоците на живот бележи значително зголемување. Особено кај основните прехранбени производи, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци, кои имаат директно и најсилно влијание врз месечните трошоци на домаќинствата.
Поскапувањата кај храната и основните животни намирници, како и растот на цените на електричната енергија, греењето и услугите, реално ја намалуваат куповната моќ на работниците, особено на оние кои примаат минимална плата“.
Ова, како што велат, особено се одразува врз најранливите категории на работници, кај кои минималната плата претставува единствен или доминантен извор на приходи.
Дополнително, според СДСМ,синдикатите, како легитимни претставници и заштитници на правата на работниците, во континуитет укажуваат на потребата од дополнително зголемување на минималната плата, со цел ублажување на ефектите од инфлацијата, обезбедување достоинствен животен стандард и зголемување на социјалната сигурност на работниците и нивните семејства.
„Финансиските импликации за овој закон се во износ од 7.500.000.000 денари.
СДСМ е на страна на работниците. Очекуваме поддршка од сите парламентарни партии.
Ајде да обезбедиме достоинствена плата за работниците. Време е“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Воведувањето на комунална полиција приоритет, политиката нема да има место во управниот одбор на ЗЕЛС
Градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, денес ја предводеше втората седница на Управниот одбор на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) во новиот состав, на која беа разгледани и усвоени повеќе прашања од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа и унапредувањето на јавната администрација во државата.
Седницата беше со посебен фокус на деполитизацијата на работата на Управниот одбор, јакнењето на институционалните капацитети на општините и воспоставувањето поефикасни, потранспарентни и поодговорни системи за управување. Во таа насока, беше истакната важноста од воведувањето на современи дигитални решенија за управување со човечки ресурси во јавниот сектор, како и приоритетот за воспоставување комунална полиција преку законски измени, со цел поголем ред, дисциплина и ефикасност на локално ниво.
Дополнително, беше нагласена потребата ЗЕЛС да настапува обединето и со единствен став по клучните прашања, со што се зацврстува неговата улога како кредибилен партнер на институциите и силен застапник на интересите на општините и граѓаните.
претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски:
Денес ја одржавме втората седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која разгледавме и усвоивме неколку значајни точки од суштинско значење за понатамошното јакнење на локалната самоуправа, објави претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
„Особена чест ни беше присуството на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, кој го презентираше надградениот софтвер за управување со човечки ресурси, сега поставен како единствен информативен центар за целата администрација.
Со ова решение, ќе се воспостави современ и функционален модел за собирање и управување со податоци за сите вработени, што претставува сериозен исчекор кон поефикасна, потранспарентна и поодговорна јавна администрација.
Неговата имплементација е повеќе од добредојдена и ќе донесе конкретни придобивки и за вработените и за јавните претпријатија.
И на оваа седница, повторно јасно нагласив дека Управниот одбор на ЗЕЛС е тело во кое политиката нема да има место.
Така беше и во мојот претходен мандат, така ќе биде и во иднина.
Овде сме обединети околу заеднички цели и за многу прашања ќе мораме да настапуваме со единствен, заеднички став.
Очекувам силна, искрена и плодна соработка со сите членови, затоа што колку ЗЕЛС е пообединет, толку повеќе добиваат општините, а со тоа и нашиот народ.
Воведувањето на комуналната полиција, преку новите законски измени, останува наш јасен приоритет за конечно воспоставување ред, дисциплина и поголема ефикасност на локално ниво.
Убеден сум дека овој состав на Управниот одбор ќе остави значаен белег во унапредувањето на локалната самоуправа и во продлабочувањето на процесот на децентрализација, во интерес на граѓаните и рамномерниот развој на општините.

