Македонија
Јаневска: Директорот на просветниот инспекторат Ферати е противправно поставен, институциите да постапат
Претседателката на комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска на прес-конференција истакна дека на местото директор на Државниот просветен инспекторат е поставена личност која по закон не ги исполнува условите, односно не ја исполнува законската обврска да има најмалку пет години педагошко работно искуство во воспитанието и образованието.
„Директорот на Државниот просветен инспекторат дипломирал на Универзитетот на југоисточна Европа во Тетово на студиска програма Труд и социјална политка и магистрирал на тема „Државниот инспекторат за администрација на Република Македонија“, вели Јаневска.
Таа рече дека во биографијата Директорот на Државниот просветен инспекторат додал дека има работно искуство: Од 2012-2021 година во Секретаријат за спроведување на Рамковен договор; Од 2021- 2023 во Служба за општи и заеднички работи на Владата;
2023 година тој е именуван за Директор на Државниот просветен инспекторат.
Според членот 5 став 2 од Законот за просветна инспекција, за директор на Државниот просветен инспекторат може да биде именувано лице кое има високо образование, што има, и најмалку пет години педагошко работно искуство во воспитанието и образованието.
„Директорот Халит Ферати нема 5 години педагошко работно искуство во образование и воспитание. Директорот на Државен просветен инспекторат кој треба да ги надгледува и корегира процесите во образованието противправно е именуван за директор на важна државна институција. Веројатно баш затоа во моментот создава хаос и води хајка против некои од најдобрите инспектори во инспекторатот“, додава таа.
Јаневска ги повика МВР и Јавниот обвинител да постапи по закон и да поднесе кривична пријава за злоупотреба на службена должност по членот 353 од Кривичниот законик на цела Влада.
„Владата останува глува на примедбите и препораките на нашите стратешки пријатели, а состојбата се менува на полошо. Таа е глува и за коментарите и апелите на опозицијата, но и на народот. Уште еден доказ за партизација и нелегално работење е објавата на Комисијата за образование и наука на СДСМ во која се вели дека Комисијата во месец јули и август е во постојатна координација со МОН и БРО за подготовка на насоки и упатства за наставниците во основните училишта со фокус на многубројните прашања од кои се издвојува Концепцијата. Значи МОН и БРО секојдневно се координирани од Комисијата на СДСМ, класична политизација на интитуциите“, заклучи Јаневска.
„МОН и БРО не се способни да ја вршат работата, и затоа СДСМ мора да им помага или да им врши диктатура над двете институции со цел да се сокрие срамот за неуспешната Концепција која ја донесе нивната министерка, Мила Царовска“, додаде таа за работата на Министерството и Бриото за развој на образованието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

