Македонија
Јанев од ОАЕ: Ја зацврстуваме и ја продлабочуваме соработката меѓу македонската и полицијата на ОАЕ
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, престојува во официјална посета на Обединетите Арапски Емирати, во рамките на која оствари билатерални средби со шефовите на полиции и високи полициски претставници од Абу Даби и од Дубаи.
На средбите директорот Јанев ја истакна важноста од продлабочување на полициската соработка и размена на искуства во области во кои полицијата во ОАЕ постигнува иновативни резултати во справувањето со безбедносните предизвици и гарантирањето на јавната безбедност.
Акцентот беше ставен на технолошкиот развој, дигитализацијата на полициското постапување и примената на вештачка интелигенција за унапредување на ефикасноста во секојдневните полициски операции.

„Имав можност да ја посетам паметната полициска станица, пример за современи ИТ-решенија што ги зголемуваат транспарентноста и оптимизацијата на човечките ресурси. Со колегите од ОАЕ договоривме воспоставување директни контакт точки за соработка во разни криминални области, меѓу кои и бегалци од правда, кои се наоѓаат на територијата на ОАЕ, а колегите од ОАЕ се подготвени да дадат придонес од нивното искуство во имплементација на дигитализацијата во македонската полиција, како и да почнеме проекти и активности поврзани со крипто и финансиски измами, организиран криминал, недозволена трговија и е-криминал, а разговаравме и за идна размена на полициски службеници за обуки и едукации“, истакна Јанев.
Во рамките на посетата Јанев оствари и средба со претседателот на Интерпол, Ахмед Насер ал-Раиси, со кого беше разговарано за унапредување на меѓународната полициска соработка и за активното учество на македонската полиција во оперативните задачи на Интерпол, со акцент на важноста од вклучување во оперативните задачи на Генералниот секретаријат во лоцирање и лишување од слобода на бегалците од правдата и активностите поврзани со претстојните избори во рамки на Генералното собрание на Интерпол за управувачките тела на Организацијата.
„Несомнено дека односите меѓу македонската и полицијата на ОАЕ се зацврстуваат и продлабочуваат, особено во делот на превенцијата, дигиталните технологии и едукацијата на човечките ресурси“, рече Јанев заклучувајќи дека оваа посета претставува нов поттик за продлабочување на партнерството и заедничкиот ангажман во градењето поцврсти темели за посовремена, поефикасна и побезбедна полициска служба во интерес на сите граѓани.
За време на посетата на Обединетите Арапски Емирати, директорот на Бирото за јавна безбедност ја посети и македонската амбасада во Абу Даби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

