Македонија
Јанкуловски: Постапката за избор на ректор продолжува во согласност со законот
Мандатот на ректорот на УКИМ не е истечен, оваа законска процедура не е никаков лов во матно, туку дека само станува збор за спроведување на законска постапка која ќе продолжи да се спроведува на фер и транспарентен начин, со почитување на сите мерки и протоколи за заштита на здравјето и животот на сите членови на академската заедница.За жал, коронавирусот веројатно уште долго време ќе биде присутен во нашите животи и наша обврска е да ги адаптираме нашите животи и работа согласно новите состојби. Коронавирусот ќе биде присутен, но сите ние треба да продолжиме да работиме. Ни претстојат испитите, уписот на новите студенти, изборите на новите органи на Универзитетот: на декани, нов Сенат, нов ректор… Никако не смееме да застанеме. Мора да продолжиме напред, се вели во писмото на
ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
Тој вели дека „изолиран број на припадници на академската заедница на УКИМ, водени од некои свои лични причини и амбиции, повторно се обидуваат да го извалкаат неговото име и да му наштетат на авторитетот кој го има не само во академската заедница на УКИМ, туку и во пошироката јавност“.
„Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје веќе трет месец од воведувањето на вонредната состојба во Република Северна Македонија користејќи ги сите расположливи човечки и технички ресурси, успешно ги извршува својата работа и мисија за што говори и задоволството на централниот субјект на УКИМ, студентите, кое беше посебно апострофирано на последната седница на Ректорската управа од страна на претседателот на Универзитетското студентско собрание.
Ја користам оваа прилика да ја известам целата јавност дека започнатата постапка за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за мандатниот период 2020-2023 е во целосна согласност со актуелниот Закон за високо образование. Согласно овој Закон, изборот на ректор не го врши Сенатот на УКИМ, како што во написите се навестува некаква тенденциозно нејасна нелегитимност, туку изборот ќе го извршат членовите на наставно-научните совети на сите единици на УКИМ. Постапката за избор на ректор ќе биде спроведена согласно споменатиот Закон, Статутот на УКИМ и, секако, роковникот ќе се спроведува согласно превентивните мерки на Владата за справување со состојбите предизвикани од последиците од Ковид-19. Членот 5 од цитираната Уредба со законска сила за примена на Законот за високо образование за време на вонредна состојба, се однесува за продолжување на мандатот на органите на Универзитетот и единиците каде тој е истечен за време на вонредната состојба и се продолжува само за времетраењето на вонредната состојба, што не е случај со мандатот на ректорот, така што имајќи ги предвид мерките на Владата за одржување седници, состаноци и сл., постапката за избор на ректор треба да продолжи. Нагласувам дека Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје веќе трет месец ја прилагодува својата работа согласно споменатата Уредба и согласно сите превентивни мерки и протоколи. Моја должност и обврска како ректор на Универзитетот е да ја продолжам започнатата законска постапка за избор на ректор и да ја спроведам во најдемократска и отворена постапка за што сведочат и веќе закажаните седници на органите на Универзитетот кои имаат должност и обврска да ја спроведат оваа постапка, за жал и во овие вонредни корона состојби. Напротив, непродолжувањето на веќе започната постапка за избор на ректор на Универзитетот значи директна повреда и непочитување на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот“, се вели во дописот на Јанкуловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

