Македонија
Јанкулоска: Судот во Стразбур отвора сериозни прашања за судењето и пресудата против мене
Европскиот суд за човекови права денес објави дека отвара сериозни прашања во однос на документираните повреди на правото на правично судење во предметот против мене, за набавката на блиндирано возило за потребите на државата, објави ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Според неа, овие прашања не се само потврда на целото беззаконие и бескрупулозност на инсталациите на претходната власт во правосудството во однос на мене лично, туку, како што вели, и потврда дека токму тие инсталации беа најмоќната алатка за остварување на целите на таа влада.
„Иако поминаа скоро 5 години од поднесувањето на апликацијата пред ЕСЧП, а јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претепев на приватен и професионален план не може да се надомести, сепак сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција“, објави Јанкулоска.
Таа вели дека со оваа одлука на судот во Стразбур, можеби конечно судиите ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси.
„Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните прав. Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата“, вели Јанкулоска.
Јанкулоска беше осудена на четири години затвор за предметот „Тенк“, што го отвори тогашното специјално јавно обвинителство. Судот ја прогласи Јанкулоска за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања. Според обвинението, таа му помогнала на тогашниот премиер Никола Груевски, со пари на полицијата на наместен тендер да си купи „мерцедес“ од 600.000 евра за лична употреба за кога нема да биде пред новинарите и граѓаните.
Ексминистерката беше ослободена од затвор во ноември 2023 година, една година пред истекот на затворската казна.
Јанкулоска беше 9 години министерка за внатрешни работи во владата на Груевски, од 2006 до 2015 во мај кога си даде оставка поради вооружените напади во кумановската населба Диво Насеље.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

