Македонија
Јанушев: Време е да си ја вратиме државата во рацете на народот
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, од протестот пред Владата, со мотото „Оставка на Заев, слобода на народот!“, порача дека веќе неколку недели македонскиот народ е на улиците во одбрана на Македонија од, како што рече, неправдите и зулумите што му ги прави криминалецот и патолошки лажго на власт – Зоран Заев, кој наголемо ги распродава Македонија и македонските национални обележја.
„Човекот што ја има окупирано фунцијата премиер е докажан криминалец со судски постапки, аболиран, помилуван. Истиот тој човек распродава сè, преговараат за Гоце, за државата, за сè што е македонско. Ние треба да се срамиме единствено од нив – од Заев, од Бучковски и од тие околу него. Имаме двајца докажани криминалци, двајца осудени криминалци, кои преговараат за сè што е македонско, а на кои овде не им е местото“, истакна Јанушев.
Тој рече дека правдата знае да биде бавна, но не и слепа и дека за сето ова зло што им го прават на Македонија и на македонскиот народ, ќе се најдат онаму каде што заслужуваат – пред лицето на правдата.
„Единствениот стандард што го воспоставиле во овие неколку години владеење е само крадење и лажење. Единствената вредност за која знаат да зборуваат е како да прифатиме нечии други вредности заборавајќи на нашите традиционални македонски вредности, за оние вредности што генерации и генерации се бореле“, рече тој.
Да, сакаме во Европа, сакаме во Европската Унија, но европските вредности, вели Јанушев, се демократија, владеење на правото, борба со корупцијата, а за сите овие работи овие во Владата преставуваат антипод на тие вредности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од денеска задолжителна зимска опрема за возилата
Од денеска стапува во сила обврската за задолжително користење на зимска опрема за возилата. Оваа обврска ќе трае до 15 март следната година.
За да избегнете сообраќајни казни и прекршоци, од АМСМ велат потребно е да го усогласите вашето возило со пропишаните барања:
– Возила до 3.500 кг: потребни се зимски гуми на сите тркала со длабочина на шарата од минимум 4 мм, или летни гуми со истата длабочина, со задолжително носење синџири за снег.
– Возила со погон на сите тркала (4х4): зимски гуми со длабочина од најмалку 6 мм, или летни гуми со минимум 4 мм длабочина и синџири за снег.
– Возила над 3.500 кг: зимски гуми со длабочина од 6 мм на погонските тркала, или летни гуми со минимум 4 мм, со задолжителни синџири за снег.
Покрај ова, автобусите и товарните возила мора да носат прирачен алат како лопата, ако не можат да користат синџири за снег, информираат од АМСМ.
Македонија
Времето денеска сончево, со температури до 19 степени
Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југозападен правец. Минималните температури ќе се движат од -3 до 3, а максималните од 15 до 19 степени целзиусови.
Во Скопје, наутро во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе биде 1, а максималната 17 степени.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека во понеделник облачноста ќе се зголеми, а од вторник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Македонија
Кренар Лога се повлече од Алијансата за Албанците и од сите партиски функции
Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, објави дека се повлекува од партискиот живот и од сите функции што ги извршувал во Алијансата за Албанците.
Лога истакна дека ова не била лесна одлука, бидејќи во партијата вложил енергија, срце и душа. Тој се заблагодари на соработниците, членовите и активистите, наведувајќи дека во изминатите десет години запознал посветени луѓе и искрени пријатели.
Во објавата, Лога се извини на сите што можеби се почувствувале повредени од негов збор или однесување, нагласувајќи дека секогаш ги кажувал своите ставови без да ја пресметува цената.
Тој потсети дека бил генерален секретар, а потоа и потпретседател на Алијансата за Албанците, и им се заблагодари и на гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
Лога зборуваше и за своето семејно и политичко потекло, опишувајќи ја средината во која израснал, обележана со притисоци и прогони во поранешниот југословенски систем.
Во пораката наведе дека Северна Македонија заслужува да биде слободна и еднаква држава за сите нејзини граѓани и повика на заедничка одговорност во градењето на земјата.
На крајот, Лога порача дека ќе остане меѓу граѓаните, но отсега на послободен и независен пат, како што рече, како солист што можеби ќе има тешкотии да игра сам, но ќе го направи тоа со слободен дух и со љубов кон луѓето.

