Македонија
Јанушев: Да се објават деталите за договорот со „Сархемс“
„Поминаа точно 12 дена откако Владата донесе одлука бизнисот тежок 72 милиона евра да ѝ го додели на фирма формирана 24 дена пред да биде распишан тендерот. Остануваат уште 18 дена од рокот од еден месец за склучување на договорот, а Владата сè уште крие што планира да потпише“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, на прес-конференција.
Тој рече дека фирмата ќе наплаќа 72 милиона евра од патарини, авионски карти или зелени картони, пари што, наместо во буџетот на државата, ќе се слеат на сметката на „Сархемс“, единствената фирма што доставила понуда на огласот.
Доколку договорот е толку добар, зошто власта го крие, праша Јанушев.
„Зошто не се објават деталите? Зошто не знаеме што плаќаме, колку ќе плаќаме и како ќе плаќаме? Дали власта има согласност да наметнува дополнителни давачки за патник? Како тоа ќе влијае врз цените на аеродромските услуги?
Дали и во која мера ќе биде оштетен Фондот за здравство бидејќи не сите граѓани имаат приватно осигурување и како тоа ќе влијае на здравствениот систем? Власта мора да одговори на овие прашања. Граѓаните се тие што ќе платат 72 милиона евра и мора да знаат како и на кој начин се трошат нивните пари“, порачуваат од опозицијата.
Никој не верува во приказните на Драги Рашковски, рече Јанушев, дека приватна фирма би работела без профит.
„Тогаш зошто би почнувала бизнис или зошто некој би го почнувал бизнисот како јавно-приватно партнерство доколку нема никаква корист од државата? Граѓаните мора да знаат кај ќе заврши секој цент од овие 72 милиона евра.
СДСМ не смее да заборави дека иако е во заминување, мора да работи во согласност со законот. Секоја недоследност и криминал во работењето ќе бидат санкционирани. Нема да дозволиме злоупотреба на народни пари за лично богатење на поединци“, додаде Јанушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

