Македонија
Јанчева: Скопје заглавено поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ
Цела недела Град Скопје е во тотален колапс поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ и нивните кадри во градската власт, обвини координаторката на советничката група на СДСМ и коалицијата во Град Скопје, Љубица Јанчева.
Рече дека цела недела приватните автобуски превозници не возат и блокираат важни сообраќајници поради тоа што Град Скопје и градоначалничката Арсовска не им ги исплаќаат долговите.
„Јавниот превоз крахира, ЈСП нема доволно капацитети да ги опслужува сите линии комплетно, па скопјани со часови чекаат автобус на постојките и се возат во преполни автобуси, Во исто време, ЈСП кое тоне во долгови, случува договор за набавка на дизел гориво по цена од 118 денари за литар дизел, во период кога ова гориво чини 86,5 денари за литар. Катастрофална е ситуацијата и во други градски јавни претпријатија како „Дрисла“ и „Водовод и канализација“. Но, градската власт на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска ги игнорираат сите овие проблеми и продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за криминал. Во меѓувреме, градот стагнира, нема ниту еден нов проект, ниту пак се продолжуваат проектите наследени од претходната градска власт предводена од СДСМ“, изјави Јанчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фокус на менталното здравје на децата и младите на „Денови на психологијата“
Комората на психолози на Република Македонија и годинава ја организира акцијата „Денови на психологијата“, соопштија од Комората. Целта е афирмација на професијата, промоција на дејноста и улогата на психологот во општеството, како и доближување на психолошката поддршка до пошироката јавност.
Под слоганот „Грижа за менталното здравје на децата и младите – градење на здрава иднина“, овогодишното издание го става фокусот на растечката потреба за рано препознавање, зајакнување и поддршка на менталното здравје на најмладите.
Комората упати јавен повик до сите психолози да се пријават за учество во реализацијата на психолошки активности што ќе се одржуваат од 1 до 10 декември 2025 година.
Агендата за „Денови на психологијата 2025“ ќе биде достапна на официјалните страници Instagram: denovinapsihologija и Facebook: Денови на психологија, каде ќе се објавуваат датумите, термините и локациите на настаните, информации за онлајн вебинарите и извештаи од реализираните активности.
Македонија
Економијата и инвестициите во фокусот – работни средби на Муцунски во Литванија
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари одвоени средби со министерот за економија на Литванија, Едвинас Грикшас, и со претседателот на Конфедерацијата на индустријалци, Видмандас Јанулевичиус.
На средбите, Муцунски го претстави силниот ангажман на Владата за создавање поволна деловна клима преку атрактивни стимулации, современа регулатива и висококвалификувана работна сила. Тој истакна дека привлекувањето нови компании во клучни области како технологијата и иновациите, отворањето работни места и забрзувањето на економскиот раст и развој се врвен приоритет на економскиот ресор.
Разговорите беа насочени и кон можностите за интензивирање на економската соработка, како и кон конкретни иницијативи за унапредување на трговијата и инвестициите меѓу двете држави – на владинo и на компанискo ниво.
Македонија
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е исправна и може непречено да се употребува, велат од „Водовод“ по труењето во училиштето
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека по извршениот вонреден мониторинг, водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е целосно безбедна за употреба.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје на ден 26.11.2025 година изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ Димо Хаџи Димов, општина Карпош.
Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“.

