Македонија
Јовановски тврди дека за Меѓународниот сојуз имал владина поддршка, Царовска ќе го тужи за клевета

Вицепремиерката Мила Царовска најави тужба за клевета против Бојан Јовановски по неговото сведочење во судот за случајот „Меѓународен сојуз“.
Јовановски на денешното рочиште рече дека за проектите имал владина поддршка и тврди дека соработката со ГП „Пелистер“ и Силјан Мицевски се случила преку посредници.
„Ќе слушнете како Мила Царовска пензионерката со проектот ја упатува кон мене. Бизнисменот Ардијан Амзовски, доколку не го видеше Александар Кирацовски, немаше да го прифати проектот“, рече Јовановски.
Царовска демантира дека имала каква било соработка со Меѓународниот сојуз.
„Во интерес на вистината најостро ги демантирам сите дрски лаги и конструкции изнесени во јавност од страна на Бојан Јовановски за поврзаност со проект на ГП ‘Пелистер’ и за каква било соработка со Меѓународниот сојуз и најавувам дека против него ќе поднесам тужба за клевета. Истовремено, ја информирам јавноста дека со госпоѓата што ја споменува Јовановски во својата изјава ниту некогаш сум соработувала ниту лично ја познавам. Изјавата на Јовановски е целосна невистина и директен напад и уривање на мојот углед и достоинство за што ќе ги преземам сите правни мерки“, реагира Царовска.
Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска почна ново рочиште за случајот „Меѓународен сојуз“, во кој се обвинети Бојан Јовановски – Боки 13, Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела измама и перење пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета“: последно збогум од медицинскиот тим кој го лекуваше Панчо од ДНК

По смртта на пејачот Владимир Блажев – Панчо, од болницата каде што тој се лекуваше во изминатите седум месеци „Аџибадем Систина“ на социјалните мрежи беше објавена порака посветена на него.
„Почивај во мир, драг наш Панчо…
Се боревме заедно 213 денови и денес ни одлета…
Нема зборови за утеха за твоите два ангела Марјан и Андреја и за твојата Маја…
Нема зборови што можат да ги запрат солзите на нашите доктори, сестри, болничари кои беа 24 часа со тебе …
Целата болница, заедно со тебе и твоето семејство се боревме и верувавме“, пишува во објавата на болницата.
Македонија
Филипче: Со СДСМ земјоделците добиваа реална помош, со ВМРО-ДПМНЕ се без субвенции и со ниски откуни цени

„Земјоделците во периодот на Владата на СДСМ добиваа реална помош и почит, од ВМРО-ДПМНЕ за година и пол се понижени, измамени и оставени сами“, нагласи Претседателот на Социјадемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Ресен.
Филипче посочи дека земјоделците од преспаснкиот регион, но и сите земјоделци во државата денес се борат со трошоци, со неизвесност и непрофитабилно производство што не им дава надеж дека од земјоделство може да егзистираат.
„Им ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецот остана без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот му е вреднуван. Доцни зелената нафта, Откупно-дистрибутивниот центар во Ресен е стопиран – и со тоа се губи секоја шанса за стабилен приход, за фер цена, за сигурна иднина на младите земјоделци. Субвенциите не се исплаќаат редовно, земјоделците остануваат сами, а задругите немаат поддршка“, рече Филипче.
Тој додаде дека за година и пол не е објавен ниту еден оглас за распределба на државно земјоделско земјиште, а се уште не е објавена мерката за субвенционирање на предадено јаболко кај откупувач од 2024 година, иако бербата на јаболкото за 2025 година е во тек.
При тоа, Филипче направи споредба со мерките на СДСМ за земјоделците. Тој посочи дека СДСМ покажа дека може земјоделството да биде еден од двигателите на економијата, земјоделците беа слушнати, поддршката беше реална, а државата стоеше зад секој производител.
„Воведовме зелена нафта за секој хектар, која стигна до 100% покривање на трошоците за нафта, ги зголемивме субвенциите и воведовме авансна исплата за земјоделците за да не ги чекаат сработениот надоместок, туку да работат сигурно и да се чувствуваат достоинствено. Го зајакнавме откупот, ги стабилизиравме цените, создадовме систем во кој трудот се ценеше, а не се манипулираше како денес“, рече Филипче и додаде дека во време на СДСМ субвенциите не беа милостина, туе беа обврска на државата.
„Креиравме политики што ја стабилизираа цената на јаболкото, што го заштитија трудот на овоштарот, што обезбедија фер откуп и фер цена. Тогаш се зголемуваа субвенциите – од 33.000 на преку 180.000 денари по хектар. За 20 отсто ги зголемивме субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен капацитет, а субвенцијата за предадени јаболка се зголеми за 50%. Работевме на откупниот и дистрибутивниот центар во Ресен – со цел да му го олесни животот на секој земјоделец, да му се даде сигурен пласман и стабилен приход“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Мицкоски: Венко не сопре со црна кампања, свесен е дека тоне

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, имаше свое обраќање на денешниот народен митинг во Пробиштип, во рамки на изборната кампања со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори. Мицкоски се осврна на како што вели неформалната коалиција за локалните избори составена од СДСМ, ДУИ и Левица, кои се обединети од желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ. Според него, на овие локални избори тие настапуваат со црна кампања, а не нудат никакви проекти, никаква визија ниту стратегија.
,,Кога зборувам за нашите противници зборувам за една непринципиелна коалиција, која што е составена од, во суштина три политички партии, која што се обединила поради две главни причини, првата е желбата за власт, по било која цена. И втората е, патолошката омраза која што ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата на СДСМ, на ДУИ, и политичката партија Левица. На некои места, оваа коалиција е формална, на некои полуформална, но во суштина, тоа е тој опозициски блок, кој што на овие избори излегува тотално без никаква програма“, вели Мицкоски.
Мицкоски истакна дека опозициската СДСМ за претстојните локални избори не нуди ниту проекти, ниту визија, туку само се фокусира на црна кампања уште од првиот ден.
,,Од првиот ден, заклучно со денеска, ние не слушнавме ниту еден проект, не слушнавме никаква визија, никаква стратегија, од нив не слушнавме како планираат и каде планираат да ја водат Македонија. Од нив слушнавме само три, условно кажани, политички пораки во оваа кампања. Првата е, црната кампања која што ја водат од првиот ден, па се до ден денес. Против мене се разбира најмногу и против ВМРО-ДПМНЕ. Втората политичка порака која што ја испратија е дека тие се политички наследници и претставуваат континуитет на тоа што претставуваше влада 7 години во Македонија, коалиција СДСМ-ДУИ. Третата политичката порака е дека тие се грижеле и се бореле за нашиот дом“, истакна Мицкоски и додаде:
,,Црната кампања наспроти целата теорија и целата пракса, започна од првиот ден во оваа кампања. Ние немаме емитувано ниту еден негативен спот. А, веќе завршува кампањата во првиот круг. Ниту еден негативен спот“.
Мицкоски истакна дека, иако има многу причини да се потсетат граѓаните на неуспесите на претходната влада, ВМРО-ДПМНЕ избира позитивна кампања фокусирана на проекти и иднината.
,,А верувајте, имаме таква инспирација да ги потсетиме граѓаните, за тоа што го работеа 7 години, што ако почнеме рано наутро малку ќе ни биде еден ден сето она лошо што го направија додека 7 години беа влада. Но, рековме не. Ние сакаме да бидеме Влада која што ќе се обиде да ја врати надежта кај луѓето, и сакаме да зборуваме за убави работи, за проекти, да зборуваме за иднина. Сакавме тоа да го доближиме до граѓаните. Што е тоа што ние го сработивме. И што е тоа што ќе го сработиме. А тие, со ад хоминем напади, со ниски страсти. Прво ми посакаа, ќе било штосно ако го виделе моето тело распарчено и спакувано во куфер, за да потоа претседателот на СДСМ, претпоставувам инспириран, бидејќи неговиот политички гуру седеше во првиот ред, во еден занес, кажа дека тие нас не не мразеле туку не презирале. Тоа претпоставувам треба да е степен над омраза, барем според нивната филозофија. Инаку, човекот е педагог, редовен професор на факултет, кој што пледира утре да ја води државата. Тоа е тоа што го нуди СДСМ на овие избори“, заклучи Мицкоски.