Македонија
Јовески испрати упатство како да работат обвинителствата во Дебар, Кичево и во Гостивар за време на кризната состојба
Јавниот обвинител, Љубомир Јовески, врз основа на член 20 и член 25 од Законот за Јавното обвинителство, донесе задолжително упатство за постапување на Основното јавно обвинителство Дебар, Основното јавно обвинителство Кичево и Основното јавно обвинителство Гостивар за време на кризната состојба прогласена од Владата во општините Дебар и Центар Жупа.
„Се задолжуваат вработените и јавните обвинители во основните јавни обвинителства Дебар, Кичево и Гостивар строго да постапуваат по препораките на Владата и надлежните здравствени органи за време на прогласената кризна состојба. Просториите задолжително да се дезинфицираат, да се зголеми степенот на хигиена, а странките и другите учесници во постапките на влезовите во објектите задолжително да го поминат процесот на дезинфекција.
Сите закажани странки и други учесници во постапките во Основното јавно обвинителство Дебар се одлагаат на неопределено време. Основното јавно обвинителство Дебар ќе ги прима сите кривични пријави, а ќе постапува само по притворски предмети и по кривични пријави за кривични дела: пренесување заразна болест по член 205 од КЗ; непостапување според здравствените прописи за време на епидемија по член 206 од КЗ; несовесно лекување болни по член 207 од КЗ; неукажување медицинска помош по член 208 од КЗ; спречување службено лице во вршење службено дејство по член 382 од КЗ; напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста по член 383 од КЗ и организирање отпор по член 387 од КЗ. Странките и другите учесници по кривичните пријави за овие кривични дела влегуваат во Обвинителството со задолжителна здравствена процедура и безбедност определена во мерките на Владата.
Основното јавно обвинителство Дебар ќе ги врши увидите на самото место од негова надлежност и од надлежност на Основното јавно обвинителство Кичево и Основното јавно обвинителство Гостивар на териториите на општините Дебар и Центар Жупа. Јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство Дебар со живеалиште во општина Охрид и административниот работник со живеалиште во Центар Жупа неопходните службени должности ќе ги извршуваат од дома и се ослободуваат од доаѓање на работа во Основното јавно обвинителство Дебар.
Основното јавно обвинителство Кичево и Основното јавно обвинителство Гостивар сите закажани странки и други учесници во постапката, кои се со живеалиште или престојувалиште во општините Дебар и Центар Жупа, ги одлагаат на неопределено време и не повикуваат нови за време на траењето на кризната состојба. Ова задложително упатство стапува во сила веднаш, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

