Македонија
(Видео) Јовески: Потребно ни е силно, професионално и одговорно обвинителство
Државниот јавниот обвинител, Љубомир Јовески, смета дека треба да има силно, професионално и одговорно обвинителство, да не се задоволуваат дневнополитички потреби и интереси со резултат на пазарење.
„Затоа ни е неопходен закон за ЈО, кој ќе обезбеди услови, основи за силно професионално и неселективно и одговорно обвинителство. Решенијата во законот не треба да задоволуваат нечии дневнополитички потреби и интереси, ниту да бидат резултат на пазарење, туку да го усогласат домашното законодавство со законодавството на ЕУ и на подобар начин да ја постават внатрешната организација на ЈО, пред сè, поради зголемување на ефикасноста во постапувањето при изборот и унапредувањето на јавните обвинители и нивната одговорност“, рече Јовески на јавната дебата во Собранието за последната верзија на законот за Јавното обвинителство.
Тој смета дека предложените решенија во работниот текст на законот за Јавното обвинителство ја зацврстуваат самостојноста на јавните обвинители во постапувањето по конкретни предмети, а додека принципот на хиерархија се однесува на надзорот над законитото и навремено извршување на јавнообвинителската функција.
„Критериуми за оценка на јавните обвинители се стручност и квалитет на одлуките, ажурност и ефикасност, непристрасност и совесност, углед и етичност достојни за функцијата, соработка и однос кон странките и другите вработени во Обвинителството, способност и спремност за стручно усовршување и стекнување нови знаења и организаторски способности. Само врз основа на овие критериуми ќе се гради кариерата на обвинителите и ќе се стави крај на влегувањето во Обвинителството во повисоки степени без неопходното искуство“, рече тој.
Јовески смета дека законот многу прецизно ги дава новите основи за дисциплинска и материјална одговорност на јавните обвинители. Според него, добро е што во законските решенија е изграден став по предметите од организиран криминал и корупција да постапува ОЈО за гонење организиран криминал и корупција наместо како што имаше идеи за формирање две обвинителства, вели тој, додавајќи дека така нема да има прекплопување на надлежностите.
Јовески вели дека обвинителите од поранешното СЈО во законот немаат посебен третман ниту, пак, се обвинители во Обвинителството за гонење организиран криминал, туку остануваат во обвинителствата каде што беа вработени пред изборот за специјални обвинители.
Имајќи предвид дека тие работеле на одредени сложени предмети, законот пропишува дека ќе продолжат да работат на овие предмети до нивно завршување. „Ваквото решение е основано заради ефикасност на кривичниот проблем, со што сторителите на кривични дела ќе бидат изведени пред судот“, смета Јовески.
Тој додава дека јавниот обвинител не треба да се избира по предлог на политичките партии, туку дека тоа треба да биде во надлежност на Советот на јавните обвинители. Значајна е и финансиската самостојност и исто така важно е што средствата за работа на ЈО се обезбедуваат во висина од најмалку 0,4 отсто од буџетот на државата, што е ново за разлика од сегашното финансирање на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.
Македонија
Полицијата ја тргнала плочката, а зад неа – 350.000 евра скриени во ѕидот: детали за падот на судијата
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднела кривична пријава против судијата Ѓоко Ристов (53) од Апелациониот суд Скопје, осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“. Пријавата е доставена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), соопшти МВР.
Според истрагата, Ѓ.Р. во периодот од февруари 2020 до денес не пријавувал промени во имотната состојба и дал лажни податоци за личниот и семејниот имот, кој, како што се наведува, значително ги надминува неговите законски приходи.
Од клучно значење за случајот се наодите од претресот извршен на 18 јануари 2026 во домот на родителите на осомничениот во Неготино. Таму, според МВР, полициските службеници забележале необични градежни активности во кујната, конкретно промени на ѕидните плочки. По отстранување на една од нив, откриена била дупка во ѕидот.
Во неа биле скриени 13 алуминиумски цилиндрични пакувања, во кои биле пронајдени вкупно 835 банкноти — 610 од по 500 евра и 225 од по 200 евра. Вкупната вредност на пронајдените пари изнесува 350.000 евра.
Обвинителството претходно денес побара куќен притвор за судијата, откако пред два дена беа пронајдени парите.
Фото: илустрација

