Македонија
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје: Акцијата за наплата на долговите на рати без камата завршува на 31 јули
Акцијата за наплата на долговите на рати без камата за сметките за вода за физички и правни лица завршува на 31 јули, соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
„Од 17 јуни, досега 370 корисници ја искористија можноста за склучување договори за исплата на долговите на рати без камата. Вкупниот износ за кој се склучени договорите за исплата на рати без камата е околу 24.000.000 денари“, се наведува во соопштението.
ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ги повикува сите корисници кои имаат заостанат долг да аплицираат за склучување договори за исплата на долговите на најмногу 24 рати, во зависност од висината на долгот, без камата за задоцнето плаќање. По истекот на овој период, одлуката престанува да важи.
„Имајќи ја предвид ситуацијата со коронавирусот, заради заштита на сопственото здравје и здравјето на другите, како и превенција од ширење на вирусот, повикуваме на разбирање и почитување на сите протоколи кои ќе се спроведуваат од страна на ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје при посетите на претпријатието од страна на корисниците за склучување на договорите. Истовремено, повикуваме и на почитување на мерките на претпазливост и заштита одредени од Министерството за здравство и Владата– задолжително носење маски, одржување растојание од 2 метра и дезинфекција на рацете“, велат од претпријатието.
За секоја дополнителна информација за услугите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје контактирајте на:
– 02 3073 010, Дежурно информативен центар;
– 02 3240 300,Дирекција
– [email protected]
– www.vodovod-skopje.com.mk
– www.facebook.com/jpvodovod.skopje
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето и храброста ги надминуваат границите
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална организација насочена кон поттикнување на инклузија, разновидност и еднаквост на жените во STEM професиите (наука, технологија, инженерство и математика).
Во обраќањето, Сиљановска-Давкова ја опиша конференцијата како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“, нагласувајќи дека ако некогаш географијата ги одредувала можностите, денес знаењето и храброста ги надминуваат границите.
Според неа, жените повеќе не се исклучок во технолошките процеси, туку нивни креаторки: истражувачки умови, основачки на стартапи, инженерки и визионерки, кои ја градат инфраструктурата на иднината.
Таа потсети дека секој напредок е плод на споделено знаење и солидарност и дека кога една жена успева, отвора простор за другите, а кога создава, ги проширува нивните хоризонти.
Обраќајќи им се на младите девојки, претседателката порача дека „иднината не е однапред напишан код“, туку се гради со љубопитност, креативност и визија.
На крајот, таа укажа дека технологијата мора да биде водена од етика, емоционална интелигенција и човечко достоинство, додавајќи дека вистинскиот напредок се мери не само со иновации, туку и со вредности.
Конференцијата, во траење од 24 часа, се одржа во текот на вчерашниот ден, поврзувајќи илјадници жени од различни континенти, кои преку знаење, искуство и солидарност испишуваат заедничка женска глобална приказна.
Македонија
Македонско-француското партнерство и ЕУ-перспективата во фокус на средбата Карапејовски – Ле Риголер
Координаторот на пратеничката група на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Бобан Карапејовски, оствари средба со амбасадорот на Француската Република, Кристоф ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Амбасадорот Ле Риголер и советникот Маршето со Карапејовски разговараа за долгогодишното македонско-француско пријателство и соработка, особено на планот на културата.
Карапејовски го истакна придонесот на македонските образовни институции во промоцијата на францускиот јазик и култура и му се заблагодари на амбасадорот за поддршката што ја дава Франција во различните области на меѓудржавната соработка. Тој ги истакна приоритетите на ЗНАМ во Собранието, програмските заложби и специфичната функција на партијата и на пратеничката група како дел од владејачкото мнозинство, каде што функционира и како коректив на власта.
Во врска со евроинтеграциите, беше реафирмирана поддршката на Франција на патот на Македонија кон Европската Унија. Координаторот на ПГ на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија го истакна ставот на пратеничката група и силната заложба за исполнување на обврските од реформската агенда во процесот, како клучен чекор во пристапувањето.

