Македонија
„Ќе бидеме дојстојни граѓани на Бугарија, како што сме на Македонија“ – првите луѓе на згаснатиот клуб добија бугарски пасоши
Бугарскиот претседател Румен Радев им ги врачи бугарските лични документи на Љубчо Георгиевски и на Благој Шаторов – претседателот и секретарот на затворениот бугарски клуб од Битола „Иван Михајлов“.
„За мене е привилегија да доделам бугарски лични документи на двајца наши сонародници, чија патриотска активност и храброст ја потсети цела Бугарија дека железниот светилник на бугарскиот патриотизам никогаш не бил згаснат во соседна Република Северна Македонија, дека илјдагодишната бугарска култура и историското наследство во Македонија се неизбришливи и ќе продолжат да ги будат умовите и срцата на Бугарите“, рече Радев.
Претседателот, како што пишуваат бугарските медиуми, им вети дека државата ќе ги заштити нивните животи, достоинство и правда.
Шефот на бугарската држава повторно кажа дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на Македонија рамноправно со другите народи е практично гаранција за нивната рамноправност и неопходно барање на ЕУ за почеток на преговорите за членство и им заблагодари на европските лидери за прифаќањето и разбирањето на нивниот став.
„Да работиме заедно во името на граѓаните во Бугарија и Северна Македонија, народот од двете страни на границата, со убедувањето дека споделуваме не само заедничка вековна историја, туку и заедничка иднина во обединета Европа“, рече Радев.
Претседателот на затворениот клуб „Иван Михајлов“, Љубчо Георгиевски се заблагодари за документите и кажа дека претседателската институција во Бугарија прва го слушнала нивното барање за помош, како и дека проблемот на Бугарите допрел до европските институции и држави.
„Мислам дека ќе бидеме дојстојни граѓани на Бугарија, како што сме и на Македонија“, рече тој.
Бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ пред два месеци беше избришан од Централниот регистар со одлука на Министерството за правда.
Клубот имаше рок да се преименува, во согласност со измените во Законот за здруженија и фондации, поради спорното име. Комисијата за употреба на имиња на личности тогаш образложи дека именувањето на клубот „Иван Михајлов“ претставува провокација за националните чувства на македонскиот народ, со оглед на тоа што се работи за личност блиска со фашистичка идеологија, кој со своето дејствување ја негирал посебноста на македонскиот народ, а истовремено предизвикува нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

