Македонија
„Ќе можете ли да ни помогнете?“ – угостителите, игротеките и туристичките агенции на протест побараа финансиска помош
Континуирана финансиска поддршка за спас на туристичко-угостителскиот сектор побараа попладнево на протест угостителите, претставници на ноќните клубови, рестораните за свадби, игротеките, туристичките агенции, како и туристички водичи и превозници.
Под мотото „Ќе можете ли“, ги повикуваат надлежните институции итно да ја обезбедат бараната финансиска поддршка.
„Угостителскиот сектор од почетокот на кризата минатата година сè до денес работи под бројни рестриктивни мерки, а во одредени периоди и со целосен прекин на активноста, што без соодветна и навремена поддршка доведе до престанок на деловната активност за многу субјекти во секторот и загуба на многу работни места. Ние во изминатите години докажавме дека знаеме и можеме да работиме, и од нула изградивме претприемачки извор на егзистенција преку кој чесно ги издржуваме нашите семејства. Сега без наша вина, не сме во можност да работиме, а тоа ја доведува во прашање не само иднината на деловните субјекти туку и егзистенцијата на нашите семејства. Затоа и ги повикуваме надлежните институции да се потсетат на нивниот изборниот слоган ‘Можеме’ и да покажат дека навистина можат и да ни помогнат кога тоа навистина ни е потребно за спас на дејноста на правните лица и егзистенцијата на нашите семејства. Денеска сите ние од тука јасно и гласно ги прашуваме ‘Ќе можете ли?’ да одговорите на барањата и да ни ја обезбедите помошта која е потребна“, изјави Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора.
Се бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои повеќе од една година им е забранета примарната дејност со уредба на Влада. На протестот беше посочено дека овие сектори со месеци немаат никаква помош, не само за зачувување на работните места туку немаат никаква помош ни за основните трошоци за егзистенција и се под закана за губење на домовите и објектите од банки и извршители.
Велат дека под помош не сметаат понуди од владата за користење на кредити од Развојна банка, туку тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаат два. Бараат еднократна финансиска помош за секој од регистрираните категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа. Исто така, угостителите бараат и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителски објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година, како и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и Развојна банка се додека не дозволи Владата работење без рестрикции.
Помош за опстанок бараат и туристичките агенции, кои поради состојбата со корона-кризата не може да jа извршуваат дејноста.
„Не бараме поддршка за да заработиме, туку помош за опстанок. Неизвесноста на ситуацијата и зголемениот број на заболени, затворените граници, немањето туристи и падот на прометот од речиси 100 отсто во 2021 година ја оневозможува нашата егзистенција. Бараме неповратна финансиска помош за секоја лиценцирана туристичка агенција со цел опстанок и ликвидност на компаниите за 2021, бараме ваучерите кои ќе се доделуваат од Владата за кампањата „Дома си е дома“, задолжително да се користат преку туристичките агенции, кои ќе можат во аранжманите да ги вклучат сите учесници од секторот туризам и бараме да се продолжи рокот на ваучерите кои се издадени од туристичките агенции според Одлуката на Влада за нереализираните патувања во 2020 година, до 31.12.2022година “, изјави Ана Марија Алексова, член на Управниот одбор на ТУК.
Димитар Кавраков претседател на Македонската асоцијација на туристички водичи и придружници истакна дека туристичките водичи се заборавени и со месеци воопшто немаат никакви примања за егзистенција поради кризата.
„Ние сме амбасадори на македонската култура и знаменитости, не може овој сектор да биде оставен на немилост сред пандемија“, истакна Кавраков.
Поради големиот број на заболени во незавидна состојба се наоѓаат и игротеките.
„Бројот на заразени е голем поради што и воопшто нема интерес за славење на роденден во игротеките, поради што и бараме финансиска поддршка сè додека не се создадат услови за работа. Веќе 14 месеци сме без деловни активности, без помош ќе згаснат нашите деловни субјекти“, изјави Трајко Николовски од Групацијата на рекреативни дејности.
Протестот на Туристичко-угостителската комора продолжува и утре и ќе трае сè до исполнување на барањата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..