Македонија
Ќе се унапредува соработката меѓу Македонија и Косово во областа на здравството

Можностите за заедничка соработка и промоција во делот на здравствена заштита меѓу двете земји беа во фоксуот на разговорите што ги остварија министерот за здравство, Венко Филипче, и неговиот колега од Косово, Уран Исмаили, придружувани од македонска и косовска делегација.
Исмаили изрази голема благодарност за средбата и можноста за соработка во делот на здравството, посебно за начинот на кој функционира „Мој термин“ во земјата, цената на лековите и можноста за едукација на кадри. Филипче изрази голема поддршка и најави блиска соработка со Министерството за здравство на Република Косово.
Исто така, беше истакнато и дека заедничката соработка меѓу двете земји ќе биде и голем сигнал за Европската Унија, која ќе го гледа напредокот во градењето мостови и одлични билатерални односи меѓу двете земји.
Официјалната средба продолжи со посета на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, Универзитетската клиника за неврохирургија и Универзитетската клиника за детски болести. Косовската делегација имаше можност одблиску да го види функционирањето и организираноста на македонскиот здравствен систем.
Денешната посета беше добар почеток за соработка меѓу двете министерства за здравство, која ќе продолжи и во иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Најмногу листи за Скопје – 18 кандидати за градоначалник и 20 листи за советници

По завршување на рокот за поднесување на кандидатски листи за градоначалници и совети на општините и на Градот Скопје, во 80 општини и Градот Скопје, до општинските избрни комисии се поднесени вкупно 312 листи на кандидати за градоначалници и 575 листи на кандидати за советници на општините и Градот Скопје, соопшти Државната изборна комисија.
Во оваа бројка се вклучени листите на кандидати од политички партии и листите поднесени од група избирачи. Најголем број на листи на кандидати за градоначалници и совети е поднесено за Градот Скопје односно вкупно 18 листи на кандидати за градоначалник на Град Скопје и 20 листи на кандидати за членови на Советот на Град Скопје.
Согласно Роковникот за локалните избори 2025 година, ОИК доставува барање до институциите кои ги поседуваат податоците за исполнетост на условите веднаш по приемот на листата односно најдоцна на 14 септември.
Откако ќе заврши проверката за исполнетост на условите и ќе заврши процесот на отстранување на евентуални неправилности или пропусти во кандидатските листи, општинските изборни комисии ги доставуваат потврдените листи до Државната изборна комисија за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати, веднаш по потврдувањето на листата односно најдцна на 20 септември 2025 година. По завршување на процесот на проверка на документацијата и исполнетоста на законските услови и птврдување од страна на ОИК, ДИК ќе ги објави сите потврдени листи по општини кои ќе учествуваат на изборите.
Македонија
„Ова ќе продолжи“ – Според Мицкоски зад пожарите стојат центри на моќ од земјата и од надвор

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека пожарите кои во изминатиот период избувнуваат низ државата, меѓу кои и вчерашниот во магацинот за електронски отпад во Трубарево, не се случајни, туку се организирани од „центри на моќ“ во земјава и надвор од неа.
Мицкоски верува дека вакви подметнувања и диверзии ќе има и во периодот што следи, затоа што постојат центри на моќ во државата, но и надвор од неа, кои не сакаат оваа Влада да успее, но рече дека ќе се борат против тоа.
„Ова што се случуваше летото и што сега се случува ќе продолжи, затоа што некој има интерес ова да продолжи“, рече премиерот.
За рециклаторниот центар на „Ф-Групација“ кажа дека има лиценца за управување со отпад издадена во 2021 година со важност до 2031, но дека условите под кои работат ваквите објекти треба да се преиспитаат.
„Ако мене ме прашувате, тоа не се услови под кои треба да работат. Сите хибридни напади ќе ги таргетираат овие слаби страни,“ рече премиерот.
Во пожарот што вчера попладне зафати рециклаторен центар на „Ф-Групација“ во Трубарево, каде што бил складиран електронски отпад, батерии и акумулатори, повредени беа четири лица – жителка на Трубарево која и понатаму е хоспитализирана на Клиниката за токсикологија со симптоми на вртоглавица и кашлица, еден полицаец, припадник на АРМ и директорот на ЦУК, Мухамед Али. Тројцата се пуштени на домашно лекување, а сите се надвор од животна опасност.
Македонија
Учениците од училиштата во близина на Трубарево една недела ќе следат настава онлајн, кажа Алиу

Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека основните училишта што се наоѓаат во непосредна близина на местото на пожарот во Трубарево ќе преминат на онлајн настава во траење од една недела.
За точката ќе се дискутира на денешната владина седница.
Мерката е препорачана со цел заштита на учениците и наставниот кадар од можни здравствени ризици по горењето на електронски отпад и пластика, а се работи за најблиските четири училлишта во околината.
Алиу појасни дека во реално време се следи квалитетот на воздухот преку повеќе мерни станици и дека бројките засега не покажуваат потреба за дополнителни ограничувања, иако на терен се чувствува миризба од чадот.