Македонија
Џафери: Верувам дека ја научивме историската лекција оти со насилство не се гради демократија
Нема да зборувам за структурата на буџетите, нема да дадам оценка дали буџетите во овие 26 години биле развојни или, пред сè, само социјални, тоа им го препуштам на експертите, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери, за време на своето обраќање на првата годишна конференција на Министерството за финансии по повод 26-годишнината од носењето на првиот буџет на независна Република Македонија на тема „Управување со јавните финансии и економски раст – комплементарни или спротивставени?“
„Пред дваесет и шест години, кога е донесен првиот буџет на Република Македонија, ѝ покажавме на домашната јавност, а пред сè на економските субјекти, но и на меѓународната јавност и меѓународните финансиски организации, дека како држава сме способни да го испланираме, да го донесеме, да го полниме и да го реализираме буџетот без кој не може да се замисли ниту една функција на државата.
Кога зборуваме за улогата на Собранието, за жал, морам да ги споменам настаните од 24 декември 2012 година, настани познати во јавноста како црн понеделник, а беа, како што знаете, директно поврзани со донесувањето на буџетот. Повторувам дека сè додека јас сум прв помеѓу еднаквите, нема да дозволам да се случи некојси нов црн понеделник или, пак, да се случи 27 април 2017 година. Верувам дека сите ние извлековме поуки од овие настани, односно ја научивме историската лекција дека со насилство не се гради ниту демократија ниту функционални институции.
Собранието врши контрола на буџетот при разгледувањето и донесувањето на завршната сметка на буџетот што Владата е должна да ја поднесе до 30 јуни секоја година. Таа контрола е можна и преку институтот за пратенички прашања, потоа преку разгледување на годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, па сè до можноста за надзорни расправи. Меѓутоа, останува отворено прашањето колку како Собрание ги користиме на ефикасен начин овие деловнички и законски можности за контрола како врз прибирањето така и врз трошењето на парите на граѓаните.
Ако сакаме да бидеме критични и објективни, тогаш мораме да признаеме дека ние заостануваме од она што е вообичаена пракса во развиените демократски држави. Сепак, за волја на вистината, мислам дека и кај власта, односно парламентарното мнозинство, а сакам да верувам и кај опозицијата, има позитивни промени во разбирањето и практикувањето на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, но исто така и во однос на надзорната улога врз трошењето на народните пари. Односно, парламентарното мнозинство не сака да биде само гласачка машина, туку сака аргументирано да расправа за буџетот, независно визави извршната власт.
Верувам дека и денешната ваша конференција ќе даде свој придонес во јакнењето на улогата на Собранието при донесувањето на буџетот, како и врз контролата на трошење, бидејќи само така можеме да градиме вистинска демократија, вистински функционални институции со максимална транспарентност и отчетност пред граѓаните“, порача Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: Честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е огромна, продолжуваме обединети во нови победи
Одговорноста е голема, но честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ под лидерството на Христијан Мицкоски e огромна, напиша на социјалните мрежи пратеникот Драган Ковачки откако беше избран на позицијата во партијата.
„Дадената доверба што ми ја укажа претседателот Мицкоски е обврска кон идејата, кон членовите на партијата и кон Македонија.
Благодарен сум за поддршката, за вербата и за можноста заедно да продолжиме по патот на сплотеност, чесна борба и посветена работа.
Благодарност до досегашниот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски кој несебично и целосно беше посветен на организацијата.
Продолжуваме обединети, со срце и со јасна цел во нови победи за ВМРО-ДПМНЕ и иднина каква што ја заслужува Македонија“, напиша Ковачки.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.

