Македонија
Џафери: Зацртаната политика на досегашната влада нема да се менува
Мандатарот за состав на преодната Влада, Талат Џафери пред пратениците денеска на седница на Собранието, во своето експозе, нагласи дека нема да се менува зацртанта политика на досегашната Влада, како на внатрешен, така и на надворешен план. Вети одговорна и професионална транспарентна Влада и нагласи дека нема да се дозволи нарушување на изборниот процес. Џафери говореше на албански јазик, а во еден дел и на македонски јазик.
Џафери рече дека составот на техничката влада го предлага согласно законот и роковите за изборите нагласувајќи дека и пред претседателот Стево Пендаровски соопштил дека ќе работи одговорно и согласно законите.
„Не е битно дали се работи за техничка влада со рок од еден или 100 дена работа, ќе работам наполно професионално и нема дозволам какви било манипулации во однос на демократскиот процес. Јас и владата што ќе ја предводам ќе работиме на спроведување на успешните досегашни политики, како и согалсно стратешките определби за интеграција на земјата во ЕУ до 2030 година“, рече Џафери.
Тој додаде дека не помалку ќе се залага и за спроведување на економските, здравствени, образовавни и социјални потреби на граѓаните и за економски раст.
Џафери вети отворен дијалог со политичките партии, со институциите и граѓаните и транспарентност во работењето.
„Не помалку важно е да споменам дека доследно ќе се залагам за етничка усогласеност и слога меѓу заедниците“, рече мандатарот.
Особено тој ги нагласи реформите во јавната администрација и продолжување на заложбите и преговорите за кластерите од преговарачкиот процес со ЕУ.
На македонски јазик тој продолжи во делот на заложбите за Планот на економски раст на ЕК во што е склучена Македонија во рамки на Западен Балкан.
„Со заокружување на политиките за раст на минималната плата и на пензиите, ќе се залагам и за ценовна стабилизација, како и за финансиска дисциплина и исполнување на целите со Буџетот за годинава. Зацртаниот план на досегашната влада нема да се менува во ниту еден дел“, рече Џафери.
Тој говореше и за другите сектори од идната Влада, а во не многу долгото обраќање на крајот се заблагодри на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за довербата, како и на претседателот Стево Пендаровски, досегашниот премиер Димитар Ковачевски и на пратениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на средба со делегација од Стопанската комора на Македонија-Турција
Денес, градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, оствари работна средба со делегација од Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО). На овој работен состанок, таа ги запозна гостите со развојните потенцијали на општината, тековните активности за унапредување на деловната клима и стратешките насоки кои ја позиционираат Кисела Вода како сè поатрактивна средина за инвестирање.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, во која двете страни разменија идеи за продлабочување на економската соработка меѓу локалната самоуправа и деловниот сектор. Разговорите беа насочени кон иницијативи за унапредување на приватниот сектор, реализација на проекти од областа на заштитата на животната средина, развој на лесната индустрија и создавање одржливи услови за економски раст.
Претставниците на МАТТО ја потврдија својата подготвеност за понатамошно институционално партнерство и заедничко создавање можности што ќе придонесат за унапредување на локалната економија и долгорочен развој на Општина Кисела Вода.
Македонија
Бензините поскапуваат, дизелот поевтинува
Од ноќеска на полниќ, цената на бензините ќе се намали за половина денар, додека дизелот ќе поевтини за половина денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 25.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 75,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 77,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,865 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,756 ден/кг и сега ќе изнесува 34,865 ден/кг.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа иницијатива за формирање анкетна комисија за пожарите во Кочани и Тетово и за несреќите на „Дурмо турс“ и „Беса транс“
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа Иницијатива за формирање анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Македонија, изјави пратеникот Бојан Стојаноски.
Тој појасни дека анкетната комисија ќе има за цел утврдување на одговорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапувањето на институциите за следните трагедии и несреќи: пожарот во „Пулс“ во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо Турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија.
„77 – те потписи се доказ дека ние не сакаме да ги политизираме овие трагични настани туку сакаме да помогнеме засегнатите да добијат правда. Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог. Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието. Ќе ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои: седум членови ќе бидат предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, два од пратеничката група СДСМ, два члена од пратеничката група ЕВРОПСКИ ФРОНТ, два члена од пратеничката група на ВРЕДИ, еден член од пратеничката група на ЗНАМ и еден член од пратеничката група на ЛЕВИЦА. Со неа ќе претседава пратеник од редовите на опозициските партии“, рече тој.
Стојаноски појасни дека форматот, односно составот е клучната разлика што ја прави оваа комисија деловничка и легитимна, за разлика од некои други обиди во минатото.
„Комисијата ќе изготви наоди кои ќе бидат основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на сите инволвирани кои придонеле кон случување, односно не придонеле кон спречување на овие трагични настани. Секоја пратеничка група има право да предложи листа од сведоци и експерти. Секој сведок или експерт поканет да даде изјава пред Анкетната комисија има обврска да се појави пред пратениците. Притоа, комисијата ќе изготвува извештаи кои ќе се доставуваат до Владата на Република Македонија и Јавното обвинителство“, рече тој.
Стојаноски ги повика пратениците и од другите политички партии да се приклучат кон оваа иницијатива.

