Македонија
Џафери: Значајна е поддршката од Хрватска за евро-атлантските интеграции
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска оствари средба со Марија Пејчиновиќ-Буриќ, потпретседателка на владата на Република Хрватска и министерка за надворешни и европски работи, која престојува во официјална посета во земјава.
На почетокот на средбата претседателот Џафери изрази задоволство од извонредните и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Хрватска и истакна дека е особено за почит силната поддршка што ја добива нашата земја во евро-атлантските интеграции за кои очекуваме да се финализираат со полноправно членство во НАТО на претстојниот самит на алијансата, како и со позитивен извештај од Европската комисија, кој ќе содржи безусловна препорака за почеток на преговорите.
Претседателот на Собранието ја информира високата гостинка дека како претседател на законодавниот дом големо внимание посветува на актуелните реформски процеси и улогата на Собранието во создавањето балансиран дијалог меѓу власта и опозицијата за донесување на стратешки важните закони, меѓутоа и на унапредувањето и на повторното ревитализирање на парламентарната дипломатија како особено значајна форма на репрезентативната улога на парламентот на меѓународен план.
Во однос на економската соработка претседателот Џафери истакна дека таа треба и понатаму да се унапредува, особено во делот на туристичката соработка, која е традиционална меѓу двете држави, а во контекст на потпишувањето на договорите со кои ќе се унапредуваат меѓусебните стопански, трговски и економски врски истакна дека парламентите преку ратификацијата ќе ја олеснат нивната транзиција во ефикасни правни инструменти.
Пејчиновиќ-Буриќ го истакна и значењето на парламентот во процесот на претпристапните преговори, како и важноста за конструктивен и консензуален пристап кон процесот, нешто што парламентарните партии во Република Хрватска го направиле уште на самиот почеток со тоа што се согласиле со консензус за поактивен однос во евро-атлантската интеграција на земјата бидејќи тој процес не значи само интеграција, туку истовремено и транзиција на целокупното општествено живеење. Полноправното членство во НАТО и Европската Унија значи градење стабилна држава, држава во која странските инвеститори секогаш ќе имаат интерес да вложуваат, а тоа понатаму ќе доведе до развој на државата во целина.
Соговорниците споделија и свои видувања за подобрување на правната рамка во двете држави за статусот на хрватското и македонското малцинство, како и за натамошното негување и развивање на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

