Македонија
Џафери: На Владата не ѝ е изгласана недоверба, продолжува да работи во полн состав
На 20 минути пред полноќ, претседателот на Собранието, Талат Џафери, констатираше дека нема кворум за гласање на прашањето за доверба на Владата.
На седницата се појавија дел од министрите од владината коалиција, како и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пред два часа го напуштија Собранието.

На Владата не ѝ е изгласана недоверба и таа продолжува да работи во полн состав, констатираше Џафери.
„Со оглед дека немаме кворум за целта за кое беше поставено ова прашање, не може да има дебата за изгласување доверба на Владата. Не ни останува ништо друго освен да констатираме дека на Владата не ѝ е изгласана недоверба и таа продолжува со полн состав и должностите што ги има. Предвидената материја за оваа седница е исцрпена и констатирам дека седницата е завршена“, рече Џафери.
По ова, присутните претставници од владината коалиција станаа и си честитаа.
Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ пред да си замине од Собранието побара брзи и предвремени избори во најкус можен рок, откако денеска воопшто не започна дебатата за гласање доверба на Владата, со оглед на тоа што пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, не се појави во Собранието. Од Беса, но и од ВМРО-ДПМНЕ се убедени дека Реџепи е киднапиран и дека под присила ја дал изјавата објавена на „Фејсбук“, дека е добар и дека се наоѓа на сигурно место.
Без Реџепи, опозицијата не успеа да собере 61 пратеник со цел да се изгласа недоверба во Владата.
Во наредните три месеци не може да се поднесува нова иницијатива по прашањето за гласање доверба на Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Магла на два патни правци, најавен собир на регионалниот пат Берово – Струмица, сообраќајот ќе биде блокиран
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 50 – 60 магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Најава за прекин на сообраќај: На 19.12.2025 година во 10.00 часот од страна на Месно население на село Двориште, најавен е јавен собир на Регионален пат П-1302 (Берово – Струмица) на место викано „Студенецо“, при што сообраќајот ќе биде блокиран, а возачите кои сообраќаат по патниот правец Струмица – Берово, да ги користат алтернативните патни правци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

