Македонија
Џафери првата работна посета ја почнува во Брисел, ќе се сретне со Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен
Премиерот на техничката Влада, Талат Џафери денес и утре ќе оствари работна посета на Брисел, што ќе биде прва меѓународна посета по стапувањето на функцијата.
Во делегацијата ќе бидат првиот заменик-претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
Во рамки на посетата, Џафери ќе ги посети седиштата на НАТО и на Европскиот Совет, Европската Комисија и Европскиот Парламент.
Во НАТО, премиерот ќе се сретне со заменик генералниот секретар Мирчеа Џоана, по што ќе оствари одделни средби со челниците на Европскиот Совет, Шарл Мишел и на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен. Во Европскиот Парламент, премиерот ќе оствари средба со група европратеници од проевропските политички партии.
На средбата со заменик-генералниот секретар на НАТО, во фокус ќе бидат теми врзани за безбедноста и стабилноста на регионот и на европскиот континент, како и на активниот придонес на Северна Македонија во Алијансата.
Со европските челници, премиерот Џафери ќе разговара за приоритетите на Владата во насока на продолжување на евро-интегративниот процес, со фокус на реформите и приоритетите врзани за Планот за раст, за подготовките за претстојните двојни избори, како и теми од регионален и глобален контекст.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.