Македонија
Џафери се правдаше дека не тера предизборна кампања: Јас сум овде како премиер, ги исполнувам моите обврски
Пред утрешниот ден кога се распишуваат парламентарните и претседателските избори, техничкиот премиер Талат Џафери не сакаше да одговори како ќе настапува ДУИ, дали ќе оди самостојно како партија или ќе опстои на идејата за европски фронт заедно со СДСМ и Алијансата.
„Јас во ова својство на премиер ја претставувам Владата. За тоа прашање ќе се обратите во Речица, блиску сме тука, ќе стапите во контакт со партијата“, одговори Џафери на новинарското прашање.
Во однос на тоа дека поради промената на пасошите, 650 илјади граѓани не може да ја напуштат државата, премиерот рече дека ги направиле првите чекори за одржување на прашањето за внатрешно безбедно движење и комуницирање на граѓаните.
„Во однос на потребите за комуницирање со надвор, секако дека се преземаат организициски процедури за да се обезбедат соодветните документи и нивно издавање. 650 илјади граѓани ниту имаат потреба ниту имаат можност да ја напуштат денеска државата. Граѓаните треба да се обратат до подрачните единици на МВР за да поведат постапка за промена на документи“, рече Џафери.
На прашањето од каква важност е обиколницата за Тетово за претстојните избори, со оглед на тоа дека улогата на техничкиот премиер е да организира демократски избори, а не да најавува проекти, тој одговори дека оние што живеат во Тетово и во околината знаат најдобро која е важноста на обиколницата.
„Една од обврските на Владата е да организира избори, но не е единствена. Во тој контекст Владата ги има сите надлежности во однос на законот и Уставот и ќе ги исполни сите активности, згора на тоа и обврските што произлегуваат за организирање избори“, одговори премиерот.
Џафери рече дека денешниот настан не е во рамките на предизборната кампања со оглед дека не се распишани избори.
„Можете да го толкувате како сакате, јас ги исполнувам моите дневни обврски“, рече Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Перински: Поддршка за локалниот потенцијал – Објавен повик за зголемување на регионалната конкурентност
Министерството за локална самоуправа објави Јавен повик за финансирање на предлог-проекти насочени кон намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, по одделни мерки и активности за поттикнување рамномерен регионален развој.
Целта на повикот е доделување средства на проекти кои ќе придонесат кон намалување на разликите во степенот на развиеност меѓу регионите, јакнење на регионалната конкурентност и поттикнување на локалниот развој преку искористување на сопствените потенцијали.
Како приоритетни за 2026 година се утврдени следните активности и мерки:
– развој на современа и модерна инфраструктура во планските региони;
– препознавање и искористување на конкурентските предности на планските региони;
– подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и користење обновливи извори на енергија.
Вкупниот износ на средства предвидени за финансирање на проекти изнесува 74.840.000 денари. Овие средства се предвидени во Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.
Право на поднесување предлог-проекти имаат: Центрите за развој на планските региони, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, јавните претпријатија и јавните установи основани од државата, од општините, од општините во градот Скопје и од градот Скопје, високообразовните и научни институции и здруженијата.
Рок за поднесување апликации е во текот на 2026 година, односно до искористување на расположливите средства.
Повикот со условите и критериумите е достапен на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа на следниот линк.
Македонија
Од јули директни летови од скопскиот аеродром до атрактивните дестинации Алгеро и Палермо во Италија
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП ја проширува својата мрежа на дестинации со воведување на уште две нови авиолинии до најголемите острови во Италија – Сицилија (Палермо) и Сардинија (Алгеро), на Виз ер, најголемата авиокомпанија во Северна Македонија.
Од 15 јули стартува линија од Скопје до Палермо, со која Виз ер ќе сообраќа три пати неделно, секој понеделник, среда и петок, со достапни цени од 29,99 €, а од 18 јули започнува рутата Скопје – Алгеро, која ќе лета два пати неделно, секој вторник и сабота со достапни цени од 39,99 €.
Со започнувањето на овие две нови рути, Виз ер ја потврдува својата долгорочна посветеност на пазарот и дополнително го проширува своето присуство во земјата.
Летовите до двете нови дестинации се планирани како сезонски линии, односно ќе се реализираат до 11 и 12 септември.
„Пресреќни сме што ви го претставуваме возбудливото проширување на скопскиот аеродром. Ова проширување не само што ја збогатува нашата понуда, туку им овозможува на нашите ценети патници фантастичен избор на патувања и флексибилност полесно да ги планираат своите патувања. Со воведувањето на низа нови линии, гордо ја потврдуваме нашата посветеност на растот и иновациите, отворајќи врати за нови партнерства, културни размени и полесен пристап до динамичните европски пазари. И ако мислевте дека сме застанале – не, ние штотуку започнуваме! Овие дестинации се вистински рај на земјата и ве очекуваат да ги откриете!
Овој развој е доказ за нашата еволуција во значаен транспортен центар, каде што авантурата ве чека на секој чекор! Затоа, спакувајте ги куферите и подгответе се за нови прекрасни патувања – скопскиот аеродром е тука за да го издигне вашето патничко искуство на повисоко ниво“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
„Овие нови рути од Северна Македонија ја одразуваат нашата посветеност да им понудиме на патниците повеќе опции за патување низ Европа. Воодушевени сме што ја прошируваме нашата Македонска мрежа со воведување нови директни врски со Италија. Овој развој создава поголеми можности за патување за патниците, а воедно обезбедува и повеќе можности за одмор и градски одмор. Поврзувањето на патниците со живи дестинации отсекогаш било наша цел и сме благодарни за растечкиот број македонски патници кои го избрале Виз Ер, рече Вера Јардан, менаџер за корпоративни комуникации во Виз Ер.
Во моментов, Виз ер нуди 45 линии до 41 дестинација во 17 земји од Северна Македонија. Во 2025 година, авиокомпанијата реализираше повеќе од 10.000 летови од и кон земјата, превезувајќи речиси 2 милиони патници. Степенот на реализирани летови од 99,48% е еден од највисоките во индустријата.
Новите рути од Скопје до Палермо и до Алгеро претставуваат директна поврзаност со две атрактивни медитерански дестинации, познати по својата туристичка понуда, културно наследство и економско значење. Со ова проширување, ТАВ Македонија продолжува со својата стратегија за зајакнување на европската поврзаност и отворање нови можности за патување, туризам и бизнис соработка.
Уште една потврда за константниот раст на ТАВ Македонија е последната статистика за јануари, која покажува раст на двата македонски аеродроми. Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид во првиот месец од годината, заедно опслужија 289.584 патници на 2.009 летови. Изразено во проценти, тоа се 31% повеќе патнички сообраќај и 10% повеќе летови споредено со истиот месец, 2025 година. Со актуелниот зимски ред на летање, на Меѓународниот аеродром Скопје вкупно 15 авиокомпании оперираат летови до 50 дестинации, додека на Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, 3 авиокомпании реализираат летови до 8 дестинации.
Со почетокот на летниот ред на летање, кон крајот на март, скопскиот аеродром ќе ја прошири својата мрежа на линии со уште две нови релации – кон Будимпешта и Неапол, додека охридскиот аеродром ќе добие нова линија до Милано. Во мај, Аустријан ерлајнс ќе започне со летови од Охрид до Виена, а во јуни, Виз ер ќе воведе уште две нови линии од Охрид до Катовице и Вроцлав.
Македонија
„Сѐ е исто како во времето на Груевски, затоа и постојано одат со владиниот авион во Будимпешта по нови задачи и насоки“, велат од СДСМ
„55 дена нема одговор од Обвинителството за криминалните тендери, молчи и Државната комисија за спречување на корупција. Нема одговори за 161 тендер за една фрима, 51 тендер преку општините за друга, 74 тендери за трета, нема одговори за 9 милиони евра за фирма со само двајца вработени, за тендерот од 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта“, велат од СДСМ.
„Милионски тендери добиваат едни исти фирми блиски до власта а Обвинителството молчи и не презема ништо. Судството и обвинителството се целосно под контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ. Поставуваат свои луѓе на клучни позиции, носат „реформи“ и закони спротивни на препораките од ЕУ.
Очигледно Обвинителството служи како алатка за заплашување. Безбедосните службите се злоупотребуваат за следење, медиумите од мрежата на Орбан за црни кампањи.
Му се закануваат на претседателот на синдикатот кој се бори за поголема минимална плата за работниците. Го следат дури и кога е со своите деца. Сѐ е исто како во времето на Груевски. Затоа и постојано одат со владиниот авион во Будимпешта по нови задачи и насоки“, соопшти СДСМ.

