Македонија
Џафери: Соработката со Јордан е на ниско и незадоволително ниво
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Јордан, Исмаил Иса Исмаил Рифаје, кој нерезидентно ја покрива Македонија од Анкара, Република Турција. Како што соопшти собраниската прес-служба, на средбата присуствувал и пратеникот Мухамед Зекири, кој воедно е и претседател на пратеничката група за соработка со парламентите на земјите од Блискиот и Средниот Исток.
Џафери истакнал дека, иако дипломатските односи со Јордан се воспоставени уште во 2000 година, Македонија сè уште нема акредитирано амбасадор во Јордан и тоа ја отежнува можноста за реализација на заемни посети на разни нивоа и можноста за поинтензивна економска и трговска соработка, која, за жал, е на ниско и незадоволително ниво.
„Претседателот на Собранието на Република Македонија ја потенцира важноста на парламентарната дипломатија, која е помалку оптоварена со протоколарни процедури, и апелира парламентарците на двете земји, преку групите за соработка, да ја воспостават и унапредат меѓусебната комуникација и во исто време изрази подготвеност како претседател на Собранието да ја охрабри оваа соработка“, се вели во соопштението за средбата.

Амбасадорот Рифаје се заблагодарил на топлиот прием и можноста да оствари средба со претседателот на Собранието и искажал готовност за време на својот мандат да вложи сериозен напор за почнување заемни политички консултации, кои би биле појдовна основа за почнување на соработката во многу области, како економија, трговска размена и туризмот, и исто така ја потенцирал и важноста од соработка во областа на одбраната и безбедносниот сектор.
Пратеникот Мухамед Зекири, како што соопштија од Собранието, ја нагласил потребата од олеснување на визниот режим помеѓу двете земји, нешто што би придонело кон интензивирање на економската, меѓутоа, секако, и туристичката соработка. На крајот соговорниците се согласиле да го искористат својот авторитет како политички претставници на двете земји да дадат придонес во поттикнување и продлабочување на севкупните билатерални односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

