Македонија
Џорџ Буш со поддршка за референдумот: Сега ја имате моќта да напишете една нова и понадежна приказна за вас
Поранешниот американски претседател Џорџ Буш преку писмо ги повика македонските граѓани да излезат на претстојниот референдум. Во писмото, меѓу другото, Буш ја спомнува и 2008 година кога ги повикал сојузниците на НАТО да ја примат Македонија во алијансата.
„Уште од првиот ден на независноста на вашата држава, Соединетите Американски Држави се ваш постојан пријател. Американскиот народ се восхитуваше на вашето мирољубиво издигнувње од пепелта на Југославија. Ја почитуваме вашата храброст да се придржувате до демократските вредности и слободните институции. И го поддржуваме вашиот стремеж за остварување напредок и безбедност во Европа, која е цела, слободна и живее во мир“, напиша Буш.
„Како претседател на Соединетите Држави, ми беше чест да го поддржам претседателот Трајковски во 2001, кога тој ја оттргна Македонија од работ на граѓанската војна во правец на општество дефинирано со мултиетничко разбирање и владеење на правото. И бев горд кога Соединетите Држави ја признаа Република Македонија под нејзиното уставно име во 2004“, пишува во писмото.
Буш во писмото додава: „Сега, во едно вака надежно време во животот на вашата земја, размислувам за бројните предизвици со кои се соочивте и ги надминавте. Исто така, размислувам за мојот покоен пријател Борис Трајковски. Претседателот Трајковски беше човек со интегритет, решителност и, најмногу од сè, човек со верба. Тој имаше верба во Господ, верба во својата земја и нејзините луѓе, како и верба во способноста на нејзините лидери да носат мудри одлуки. Преспанскиот договор, што сега е пред вас за ратификација, е храбар и фер компромис. Тој ќе ја постави Македонија на патот да влезе во Европската Унија и НАТО и да ја оствари светлата иднина којашто претседателот Трајковски ја замислуваше“.
На крајот од писмото Џорџ Буш пишува: „Ги повикувам сите граѓани на Македонија да учествуваат во носењето на оваа историска одлука и да гласаат на националниот референдум на крајот од овој месец. По една деценија на пречки, сега ја имате моќта да напишете една нова и понадежна приказна за вас, за вашите деца, за вашите соседи и за вашата земја. Најголемиот сојуз за слобода во историјата чува место за земјата што ја сакате, а јас со нетрпение го очекувам денот кога Соединетите Држави гордо ќе ѝ посакаат добредојде на Република Северна Македонија како најнов сојузник и 30. членка на НАТО“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

