Македонија
„Баџанакот на Мицкоски со бугарска фирма е и донатор на ДПМНЕ“, велат од партијата Левица
„Молкот за контроверзните бугарски фирми на баџанакот на Мицкоски – Јорданчо Јанев, добива нова димензија кога ќе се погледнат донациите на владејачката партија. Имено, токму баџанакот на Мицкоски се јавува како донатор на ДПМНЕ со сума од 20.000 евра (во 2019 и во 2021 година). За баџанакот на премиерот медиумите веќе објавија дека поседува и бугарско државјанство од 2017 година, по примерот на министерката за енергетика Сања Божиновска. Изговорот на министерката Божиновска беше дека бугарското државјанство го добила од економски причини. Очигледно, за да си успешен бизнисмен предуслов е да поседуваш бугарско државјанство“, велат од партијата Левица.
„Дополнително, нејасно е како со професорки плати, фамилијата на Мицкоски донирала речиси 60.000 евра за партијата ДПМНЕ, односно самиот премиер Мицкоски, неговата сопруга и неговиот татко во 2019 и 2021 година донирале 2.950.000 денари.
Иако премиерот Мицкоски сака да говори дека живеел само од професорска плата, непобитен е фактот дека со професорка плата не може да се заштедат вакви огромни суми, ниту пак да се купуваат часовници од по 60.000 евра. За бизнисменското минато на Мицкоски јавноста речиси и да не запознаена, затоа што премиерот дури и во својата биографија до Собранието не го наведе податокот дека се јавува како сопственик на две фирми во енергетскиот бизнис. Зошто премиерот Мицкоски упорно избегнува да даде отчетност за неговите удели во енергетскиот бизнис, ниту пак колку пари заработил и на кој начин од овие бизниси? Потсетуваме дека во овие бизниси инволвирани беа и струмички фирми, од каде потекнува токму баџанакот на Мицкоски (кој поседува бугарски фирми).
Јасно е дека шемата на владеење на премиери кои доаѓаат од бизнис-секторот постојано се пресликува во Македонија. И фамилиите Заеви и фамилиите Мицкоски беа директно инволвирани во енергетскиот бизнис, додека граѓаните плаќаат најскапа струја во Европа. Односно, мегаломанските профити за енергетската мафија (која е најдиректно поврзана со врвот на властите) ги плаќа директно сиромашниот народ. Молкот од институциите за ваквите огромни донации кои доаѓаат директно од претседателот на партијата, само покажува колку институциите се целосно заробени. Просечно македонско семејство со својата плата одвај може да ги покрие трошоците во месецот, додека фамилијата на Мицкоски комотно може да издвои сума од 60.000 евра за да ги донира на партијата, наводно само со професорски плати“, соопштуваат од партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

