Македонија
Наставници од Кисела Вода се обучуваат за изведување часови по шах
Шахот станува сè поприсутен во воспитно-образовниот процес, а растечкиот интерес кај учениците ја зголемува потребата наставниците да бидат соодветно обучени за негово реализирање во рамки на наставата. Во таа насока, денес во големата сала на Општина Кисела Вода се одржа обука за наставници од основните училишта на територијата на општината.
Обуката ја организира Шаховскиот сојуз на Град Скопје, кој во континуитет работи на развојот и интеграцијата на шахот во основното образование. Како дел од соработката, Шаховскиот сојуз донираше и по два шаха за сите основни училишта во општината.
Со текот на активностите и методолошкиот пристап што наставниците ќе го применуваат во наставата се запозна и градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска, која присуствуваше на дел од обуката.
-Како општина, даваме силна поддршка на сите процеси што го унапредуваат образованието и создаваат вредности кај најмладите. Шахот е предмет кој развива концентрација, аналитичко размислување и дисциплина, вештини што им се важни на учениците. Оваа обука им овозможува на наставниците професионално да се подготват и да го пренесат знаењето на квалитетен и структуриран начин. Верувам дека со ваквите програми ќе продолжиме да градиме посилен образовен систем во нашата општина- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
-Обуката е важна и задолжителна, бидејќи наставниците стекнатите знаења ќе ги имплементираат во изборниот предмет Шах, во рамките на наставата. Шахот веќе три години се имплементира како изборен предмет. Од прво до трето одделение е воспоставен како слободна ученичка активност, а во четврто и петто како изборен предмет. Наставниците што ќе ја завршат обуката добиваат сертификат со кој можат да држат часови по шах- изјави Ѓорѓи Миновски, претседател на Шаховскиот сојуз на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

