Македонија
1 Мај неработен ден за сите граѓани
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека 1 Мај, сабота, Денот на трудот, е неработен ден за сите граѓани.
Денот на трудот е меѓународен празник, кој се празнува на 1 мај и е посветен на борбата за зачувување и унапредување на правата на работниците.
Се одбележува на 1 мај во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. На овој штрајк, организиран со цел воведување 8-часовен работен ден, била употребена сила од страна на полицијата, при што имало и жртви. Подоцна организаторите на штрајкот биле изведени пред судот, а четворица од нив биле погубени.
Во знак на почит кон жртвите од чикашкиот штрајк, Втората интернационала на својот основачки конгрес во 1889 донесе декларација со која се повикуваат работниците од целиот свет на демонстрации на 1 мај со цел подобрување на својата положба. Оттогаш, традиционално, на 1 мај секоја година, во повеќе земји во светот се одржуваат демонстрации во знак на одбележувањето на Меѓународниот ден на трудот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ја претепал вонбрачната партнерка со трпезариска столица, па ја силувал откако тешко ја повредил
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишник осомничен за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ЈОРСМ, осомничениот, на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, физички ја нападнал неговата вонбрачна партнерка.
-Ја удирал по телото, лицето и главата, па дури зел трпезариска столица и ја удрил и со неа. Потоа ја тргал и ја носел во правец кон терасата, заканувајќи и се дека ќе ја фрли. Од ударите жената се здобила со телесни повреди. И наредил да се соблече за да имаат сексуални односи, но оштетената не се согласила, па насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија, стои во соопштението на ЈОРСМ.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Оттаму додаваат дека притоа особено се ценела опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши дела на семејно насилство кон жената со која живеат во ист дом.
Македонија
Почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас
Денес на 75 години, почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас кај нас.
Откако неодамна Перо Камиказа откри дека тој ја бие животната битка, сега, неговиот син Бане Костиќ, откри дека познатиот новинар и радио-водител, не успеал да се избори со болеста.
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ, сопруг, татко и дедо, на 75-годишна возраст.
Последна почит ќе се одржи утре, недела, 21 декември од 12:30 – 13:30 во капелата на гробиштата Бутел.
Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководство на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно Диско Селекторе“, напиша тој на Фејсбук.
Македонија
Петрушевски: Раководството на ЕСМ местело тендери и перело милиони евра
Поранешниот директор на ЕСМ Снабдување со топлина ДООЕЛ Скопје, Бујар Дардишта, и уште 32 лица се осомничени за перење пари во износ од околу 2 милиони евра, стекнати преку, како што се тврди, наместени тендери вредни околу 8 милиони евра. Ова на прес-конференција го соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Според Петрушевски, криминалното раководство на ЕСМ во 2023 година, под водство на тогашната власт на СДС и ДУИ, наместило јавна набавка за „СКАД ормари – мониторинг ормар со ГСМ контролор за топлинска станица“ за потребите на ЕСМ Дистрибуција. За таа цел, како што наведе, биле договорени две правни лица од Скопје и Куманово да учествуваат на тендерската постапка.
Фирмата од Куманово, според тврдењата, аплицирала со непотполна документација и со повисока цена, додека скопската фирма, која требало да го добие тендерот, понудила речиси идентичен износ со проценетата вредност на јавната набавка, иако таа не била јавно објавена во огласот.
На овој начин, како што обвини Петрушевски, било овозможено правно лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист од речиси 8 милиони евра.
Дополнително, за прикривање на кривичните дела, осомничените пуштиле во оптек, примиле и пренеле финансиски средства во вредност од околу 2 милиони евра, со што, според наводите, сториле кривично дело перење пари.
„Дали ЕСМ била претворена во организирана криминална каса за партиски и лични интереси? Зошто Јавното обвинителство не постапувало навреме и чекало да помине толку долг временски период? Дали осомничените се само извршители, а политичките нарачатели и заштитници сè уште се недопирливи?“, праша Петрушевски.
Тој порача дека времето на неказнивост, како што рече, поминало и дека мора да има правда и одговорност.

