Македонија
„100 дена Влада на ВМРО-ДПМНЕ, 100 дена безидејност, скандали и изолација на државата“, велат од НСДП
„Се навршуваат 100 дена од изборот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 100 дена на безидејност, скандали и чекори за изолација на државата, политики на застранување од стратешките државни приоритети“, велат од НСДП.
Од партијата истакнуваат дека ова е очекувано, знаејќи, како што велат „дека ВМРО-ДПМНЕ најдобро функционира во „заробена држава“ и на добар пат се да ја вратат државата на ниво како што ја оставија во 2017 година“.
„За 100 дена нема отпочнато ниту една значајна реформа, ниту еден значаен проект со кој може да се пофалат пред граѓаните и да ја оправдаат големата поддршка која ја добија на изборите.
Граѓаните ги прелажаа со еден куп на лажни проекти, лажни реформи и манипулации, а од сето тоа за 100 дена имаме едно големо ништо. Европската Унија даде зелено светло за Албанија на 15 октомври да го отвори првиот преговарачки кластер од пристапните преговори со Европската унија, а Северна Македонија останува заглавена и изолирана во популистичките политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
На граѓаните им ветија враќање на поранешното уставно име на државата и репреговарање на договорот со Бугарија и преговарачката рамка со Европската Унија, но од тоа нема ништо, се било една огромна изборна лага. Кога седнаа во функционерските фотелји престана да им пречи Северна Македонија, а за предлогот на премиерот Мицкоски за менување на преговарачката рамка не добија поддршка од никој во Брисел.
Мицкоски ја задолжи државата со 500 милиони евра од Унгарија, иако стратешките финансиски партнери на државата нуделе поповолни кредити, ова само покажува дека се поочигледно следува процес на орбанизација во нашата држава“, соопшти НСДП.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ многу лошо се справи со големиот број на пожари кои ја зафатија државата, првпат после подолго време просечната плата се намалува, економско-социјалниот дијалог не функционира, растот на платите е застанат, граѓаните и претпријатијата се оставени сами на себе да се справуваат со економската состојба, а од надлежните секојдневно слушаме празни изговори и оправдувања, иако сега имаат апсолутна власт, претседател на државата, парламентарно мнозинство, влада и 2/3 од локалната самоуправа.
Стопирани се стратешки проекти за државата како коридорот 8 и остануваат неискористени многу грантови од Европската Унија, катастрофата што му се случува на главниот град Скопје ја снајде и државата владеана од Владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Неработата и безидејноста на Владата се обидуваат да ја покријат со многу лаги и манипулации и со најави за дестабилизација на државата, можни етнички конфликти, што секако не е ни блиску до реалноста. Време е да се фатат за работа, затоа што државата се соочува со многу предизвици!“, се наведува во соопштението на НСДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

