Македонија
12 санкции за прекршоци на возила кои вршат јавен превоз на патници на територија на СВР Тетово

Во текот на вчерашниот ден (13.10.2023) спроведена е сообраќајна контрола на територијата на СВР Тетово за санкционирање на прекршоци на возила со кои се врши јавен превоз на патници. При контролата санкционирани се 12 возачи. Од нив четири возила биле со неисправен уред за сопирање. Технички неисправните возила се исклучени од сообраќај и изготвени им се платни налози со парична глоба од 400 евра, а со парични глоби ќе се соочат и фирмите – нивните сопственици.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот. Навремено да се проверува техничката исправност навозилата и навремено да бидат отстранете евентуалните недостатоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тројца пациенти сместени на Пластика сè уште имаат отворени рани: им требаат преврски, а понатаму можеби и трансплантација на кожа

Два месеца по пожарот во дискотеката во Кочани со 62 загинати и 200 повредени, на Клиниката за пластична хирургија има тројца пациенти, кои сè уште имаат отворени рани, а во странство се единаесетмина. Директорката на Клиниката за пластична хирургија, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, вели дека имаат многу длабоки изгореници и потреба од продолжено лекување.
„Им требаат преврски, третмани, можеби понатаму кај некои од нив ќе треба и трансплантација на кожа. Ќе бидат соодветно третирани. Сите знаеме дека тие пациенти почетно беа во многу тешка состојба, сите беа испратени во странство и прашање беше дали ќе останат живи. Благодарни сме им на сите земји што ги прифатија и ги лекуваа. Екстензивноста на повредите кај овие пациенти, кои се потешки и кои се враќаат меѓу последните, е поради тоа што се со многу длабоки изгореници, со многу длабоки рани и кај нив ќе треба подолг третман. Секако, рехабилитацискиот период кај нив ќе биде малку подолг. Со заеднички сили и од нашите тимови и со трпение од пациентите за кусо време ќе можеме да кажеме дека се затворени раните. Мора да потенцирам дека овие повреди се со доста голем интензитет и длабочина на изгорениците“, рече денес директорката Ѓоргиевска-Павловска.
Таа нагласи дека сите пациентите ги имаат телефонските броеви од сите лекари и може да ги бараат во секој момент кога имаат потреба од одговор на некое прашање, преглед или соодветен третман. Лекарите се организирале за сите да имаат приближно ист број пациенти за да може соодветно да им се посветат.
Освен тројцата на Пластика, во земјата се лекуваат уште двајца пациенти во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и двајца во болницата во Кочани. Директорот на Фондот за здравствео осигурување, Сашо Клековски, вели дека за пациентите сместени во Кочани се очекува да дојдат за третман во Скопје.
Во болницата во Кочани 40 пациенти се на физикална терапија и триесетина се на терапија со плазма збогатена со тромбоцити, но по многубројните забелешки дека нема доволна грижа за повредените изминативе денови, Министерството за здравство од утре почнува реевалуација на состојбата на сите пациенти, и оние што се вратени од лекување во странство и оние што се лекуваа дома, за да се утврдат нивната состојба и потребата од понатамошна рехабилитација.
Директорот Клековски, пак, најави дека повторно ќе го поканат тимот од Израел, кој беше во Скопје на почетокот на трагедијата, за да даде мислење за понатамошната грижа на пациентите. Покрај тимот од Израел, кој допрва ќе биде поканет, во Кочани е дојден тим од Бугарија, кој ќе направи индивидуални проверки кај сите повредени кај кои има потреба од компресивни ракавици.
Македонија
Ѓорѓиевски: Кисела Вода добива уште еден парк, со зеленило, реквизити и прв инклузивен сообраќаен полигон за деца

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес направи увид во градежните активности за уредување на нов парк на површина од околу 1.250 м², кој ќе се простира во дел од просторот на училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Станува збор за досега запуштен простор кој добива целосно нова намена, ќе биде уреден како зелено катче со содржини за сите генерации.
Просторот, според најавите, ќе биде хортикултурно уреден, со детски реквизити, павер-елементи, урбана опрема, клупи и корпи за отпадоци, осветлување и зеленило. Покрај тоа, на еден дел од паркот ќе се изгради современ сообраќаен полигон за учење на сообраќајните правила, каде децата ќе можат да возат велосипеди и истовремено преку игра да се запознаат со сообраќајни знаци, семафори и сообраќајна култура. Особено значајно, велат од Општината, е што станува збор за прв инклузивен сообраќаен полигон, прилагоден за деца со попреченост. Тоа значи дека полигонот ќе содржи пристапни патеки, визуелни и звучни елементи, тактилни површини и специјално дизајнирани едукативни содржини кои овозможуваат еднаков пристап и активно учество на сите деца, без разлика на нивната способност.
– На местото на поранешна депонија, добиваме целосно нов урбан простор кој ќе им служи на жителите од овој дел на општината, но и на учениците од специјализираното училиште во близина. Создаваме катче каде децата ќе може да играат, да учат и да се развиваат во безбедна и уредена околина. Особено сум горд што тука го градиме првиот инклузивен сообраќаен полигон во општината – простор кој ќе биде прилагоден за сите деца, вклучително и оние со попреченост. Полигон со кој промовираме еднаквост, разбирање и интеграција уште од најрана возраст. Со пристапни патеки, звучни и визуелни елементи, тактилни површини и едукативни содржини, децата ќе можат низ игра да ги совладаат сообраќајните правила, но и да ја научат вредноста на инклузивноста. Овој проект, воедно е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за зголемување на степенот на зеленило и подобрување на животната средина. Во последните 3.5 години, општината има оформено и уредено над 80.000 м² нови зелени површини, со што значително се подобрува еколошкиот амбиент и урбаниот пејзаж – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Ѓорѓиевски: Континуираното функционирање на ЗЕЛС од клучно значење за унапредување на локалната самоуправа

Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваше на 28-та седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која се дискутираше по повеќе значајни точки од интерес за општините и локалната самоуправа.
Седницата се одвиваше според предвидениот дневен ред, а беше договорено и закажување на Осмата седница на Генералното собрание на ЗЕЛС. Детално се разгледуваа и дискутираа и предлозите за финансискиот, наративниот и ревизорскиот извештај за работата на ЗЕЛС за 2024 година, измените и дополнувањата на буџетот на ЗЕЛС и Планот за јавни набавки за 2025 година.
Тема на дискусија беа и потпишувањето на нови меморандуми за соработка со неколку значајни партнери, како и предложените измени на Законот за урбано зеленило.
-Континуираното функционирање на ЗЕЛС како заедничка платформа на сите општини е од клучно значење за унапредување на локалната самоуправа. Денешната седница уште еднаш потврди дека преку отворен дијалог, соработка и споделување искуства, можеме ефикасно да одговориме на предизвиците со кои се соочуваат општините. Ваквите средби се важни затоа што од нив се носат конкретни заклучоци и насоки за делување. Убеден сум дека преку ваков заеднички пристап ќе продолжиме да градиме посилни и пофункционални општини за сите наши граѓани -изјави Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.