Македонија
13-годишно девојче исчезна од домот во Скопје, родителите се сомневаат дека избегало со дечкото
Вчера во полициската станица Шуто Оризари, скопјанец пријавил дека неговата 13-годишна ќерка се оддалечила од домот.
Таа и претходно повеќе пати се оддалечувала кај своето 19-годишно момче и била пронаоѓана и враќана, се посочува во пријавата.
Родителите се противат на нивната врска, а против момчето веќе има поднесено пријава, велат од МВР.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МОН: Наставниците се наш висок приоритет, нивните плати постојано ќе растат во следните четири години
Проектите кои се реализираат во рамки на Еразмус+ програмата и имаат за цел да го подобрат квалитетот на образованието преку подигнување на професионалните компетенции на наставниците, се многу значајни. Проектот „Одржување на благосостојбата на младите наставници во училиштата“ е еден од нив. Изминатите 24 месеци, тој овозможи обука на искусни наставници како да ги менторираат своите помлади колеги за успешно вклучување во образовниот процес и да ги мотивираат да не се откажуваат по кус период поминат во училница.
Ова го нагласи Елена Ивановска, државен секретар во Министерството за образование и наука, на завршната конференција на Проектот, што ја организираше СОНК, со учество на партнерските организации од Белгија, Бугарија и Словенија.
„Мотивирањето на младите наставници е особено важно во период кога наставничката професија, за жал, го нема потребниот дигнитет и не е соодветно почитувана. Со овој предизвик се соочуваат многу земји, вклучително и нашата Македонија. Но, како релативно нова Влада, не гаиме само илузии дека ќе биде подобро, туку од самиот почеток на мандатот почнавме интензивно да делуваме за да создадеме подобри услови за работа на наставниците и да обезбедиме повисоки плати, за да ја подигнеме мотивацијата на вработените во образованието“, рече Ивановска.
Изрази задоволство што Министерството и СОНК постигнаа договор за обезбедување долгорочна економска сигурност на наставниот кадар и за етапно зголемување на платите, што за 4 години ќе изнесува најмалку 46%, а најмногу 60%, зависно од степенот на инфлација.
„Со зголемувањето на платите на наставниците почнавме годинава, иако државниот буџет не беше во добра кондиција. Сепак, наставниците се наш висок приоритет и најдовме начин да го исполниме ветувањето“, посочи Ивановска.
Министерството за образование и наука, за да ги подобри условите за работа на наставниците, реализира 36 покрупни инфраструктурни инвестиции и 40-тина помали реконструктивни зафати во училишните објекти. Дел од училиштата се опремуваат со нови клупи и столчиња, а во периодот што следи, ќе се подобри и информатичко – комуникациската инфраструктура во објектите, лабораториските и кабинетските услови и друго.
„Имаме план, и добро е што Владата одлучува нам како министерство да ни даде значително поголем буџет за следната година, споредбено со буџетите кои институцијата ги добиваше досега. Добиваме 10 милијарди денари повеќе и буџетот ќе изнесува 40 милијарди денари, со кои ќе се подобруваат сите аспекти кои го детерминираат квалитетот на националниот образовен систем“, додаде Ивановска.
СОНК останува партнер на Министерството за образование и наука со кого заеднички ќе се носат одлуки и ќе се изнаоѓаат решенија за сите предизвици. Наша цел е просветните работници со подолга кариера да продолжат да напредуваат, да се чувствуваат вреднувани и почитувани, а младите наставници да останат мотивирани и да продолжат да работат со истиот ентузијазам со кој ја одбрале благородната професија да ги учат децата и младите.
Македонија
Дрвошанов: Предлог-буџетот за 2025 година е развоен, со социјална компонента и реални нивоа на приходи и расходи
На денешната Комисија за финансирање и буџет на која се разгледува и расправа Предлог-буџетот за претстојната 2025 година, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жан Дрвошанов, истиот го окарактеризира како исклучително развоен, со социјална компонента и приходи и расходи кои се со реално ниво на остварување односно извршување.
Тој истакнува дека со овој буџет ќе се постигне макроекономска стабилност со фискална консолидација и тоа преку раст на БДП, понизок буџетски дефицит и умерено ниво на државен долг заедно со високо ниво на капитални инвестиции.
„Сведоци сме во изминатите години, како претходните влади со реализацијата на нивните буџети не направија никаков, ама баш никаков развој во државата. Напротив, имавме назадување и стагнација скоро во сите сфери на општеството, имавме низок раст на бруто домашниот производ, висок буџетски дефицит, ниска реализација на капитални инвестиции, а од друга страна имавме енормно високо ниво на задолжување на државата“, потсетува Дрвошанов на состојбите од изминатите седум години.
Според него овие негативни и штетни политики неизбежно се рефлектираат и имаат влијание како во сегашниот, така и во идниот период и токму поради тоа со Предлог-буџетот за 2025 година, целта е да се консолидира состојбата во државата во сите области, да се стабилизираат економските текови, со што ќе се постигнат солидни финансиски и економски резултати.
„Така, со Предлог-буџетот за 2025 година е планирано да се постигне раст на бруто домашниот производ од 3,7%, инфлација од 2,2% и капитални инвестиции од 50,5 милијарди денари кои ќе бидат реални капитални инвестиции и директно ќе влијаат на зголемувањето на бруто домашниот производ. За споредба, од претходно, во изминатите години оваа реализација на реални капитални инвестиции не помина повеќе од 15 милијарди денари и имавме трансфери кои никако не можат да влијаат врз растот на бруто домашниот производ“, јасно прецизира Дрвошанов.
Во оваа насока, тој потенцира дека особена и сериозна економска активност ќе предизвика и финансиската помош од Владата која се состои во билатералниот заем од Унгарија, односно поволните кредити за стопанството кои се повеќе од потребни за производствените компании кои со ваквата помош ќе го зголемат сопственото производството, вработувањата, а со тоа ќе растат и платите на вработените.
Македонија
Николоски: Ја реформираме Македонска пошта и очекувам позитивни резултати наскоро, за претходното менаџирање на потег е Обвинитеството
Работиме на реорганизација и реформи во работењето на Македонска пошта. Резултатите на новото раководство ќе бидат забележани после Нова година, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на новинарско прашање во врска со наводите на Државниот завод за ревизија за состојбите во Пошта и зголемување на менаџерските плати на претходното раководство.
„Јас кога ставав министер, 4400 вработени не земаа плата од Македонскa пошти, Железници Транспорт и Железници Инфраструктура. Почнаа редовоно да земаат плата откако станав министер, некои тоа го протолкуваа дека не е голема работа и се слагам дека не е, но и тоа како е голема ако со месеци вработените не земаа плата. Да направите било каква реформа и организација прво треба да им се плати на луѓето тоа што го сработиле.
Бидејќи тој проблем е решен сега одиме на реорганизација на овие три претпријатија и тоа го правиме интензивно и можам да кажам дека ќе ги видите резултатите на Пошта после Нова година и за периодот од август до декември ќе видите една огромна промена, а тоа е период од кога има ново раководство на Пошта“, истакна министерот Николоски.
Тој исто така додаде дека на потег сега е Јавното обвинителство да ја испита работата на претходното раководство по наводите од државната ревизија.
„Драго ми е што Државниот завод за ревизија тоа го констатираше, сега на потег е Обвинителството затоа што извештите на ДЗР одат во Обвинителство. Исто така го повикувам Обвинителството да влезе и да утврди одговорност за сите кои не работеле одговорно и правеле криминал во Пошта. Но исто би сакал да ги повикам и ДЗР и ЈО да ја испитаат и работата на Агенцијата за пошти кое треба да биде регулаторно тело, а тоа е се освен регулатор и да видат како се издаваат лиценци за работење на приватни пошти кои работат буквално од подрум. Дај боже намерата на претходната власт да била приватизација на Пошта, иако јас не се слагам со тоа. Но ниватата цел не била приватизација туку пропаѓање на Пошти и отворање на неколку привати пошти“, изјави министерот Николоски.