Македонија
19 години АУЕ-ФОН: Визионерска трансформација на образованието
Американскиот универзитет во Европа – ФОН заедно со голем број на соработници, поддржувачи, пријатели, студенти и алумни, вчера на 19 март го одбележа своето 19-годишно постоење. Покрај прославувањето на визионерската трансформација на образованието, за време на свеченото одбележување на годишнината на АУЕ – ФОН се оддржа и интерактивна дебата со фокус на тема за перспективите на високото образование во земјата, во чии рамки учествуваа претставници од образовни институции, министерства, бизнис секторот и средношколците.
Бранко Азески, претседател на Стопанска Комора на Република С. Македонија, посочи дека без образовен кадар не може да се оствари никаков раст на економијата, што истовремено преставува клучен фактор за понатамошен раст на општеството. Оттука, според Азески, доколку државата сака да напредува треба да инвестира околу 5 отсто од својот БДП во развој на образованието, дефинирајќи при тоа цели и стратегии кои што ќе доведат до квалитено високо образование, стимулиран академски кадар и млади луѓе кои што со своите вештини ќе останат во државата и ќе бидат дел од општествените промени.

АУЕ – ФОН веќе 19 години ги следи светските трендови, остварува соработка со голем број универзитети ширум светот, што претставува голем поттик и мотивација за студентите, кои го разбираат квалитетот на образованието.
„Покрај природната припадност на европскиот простор за високо образование, АУЕ ФОН изминатата година интензивно работи на прилагодување и акредитација на своите програми на американско тло пред Советот за акредитација на бизнис школи и програми, како додадена вредност за Универзитетот, на тој начин креирајќи пошироки можности за студентите,“ изјави Билјана Пулеска Јанушевска, в.д ректор на АУЕ-ФОН, посочувајќи дека обезбедувањето квалитет на образовниот процес и создавање на конкурентни знаења и вештини останува и натаму приоритет на овој престижен универзитет.
Еден од почесните гости на дебатата Лулзим Алиу, заменик министер за образование и наука изјави дека успешноста на АУЕ ФОН како универзитет е резултат на широката програма што истиот ја нуди, привлекувајќи на тој начин голем број на студенти.

АУЕ-ФОН со поддршка од голем број на претставници од домашни и странски комори, бизнис заедници и владини претставници од државата, но и од странство, веќе низа години инвестира во општеството, а акцентот го става на движечката сила во земјава, а тоа се младите.
„Образованието подразбира постојана надградба и доквалификација. Затоа, државата треба да ги следи современите европски текови, да го стимулира високото образование и да вложува во науката, бидејќи на тој начин ќе се градат млади квалитетни кадри“, истакна Татјана Стојаноска Иванова, претседател на Одбор за акредитација при Агенција за квалитет на високото образование.

Потребата од унапредување на образованието, следењето на трендовите и обезбедувањето на висок квалитет во образовните институции и програми ја нагласи и Марко Ѓоргиевски, директор на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност.
„Младите се нашата сегашност и треба да вложуваме во нив. Добрата едукација, можноста за формално и неформално образование во рамки на едукативниот процес нуди можност да ги унапредат своите знаења и вештини. Ако се надополни со пракса каде младите ќе можат да го надополнат и усовршат тоа што го знаат, тие ќе бидат подготвени да бидат лидери на промените кон подобро утре за сите“, истакна Ѓоргиевски.

Претседателот на Сојузот на средношколците, Лука Павичевиќ, на вечерашниот настан ја истакна потребата од итна реформа на процесот на прием на студенти во високообразовните установи за да се препознаат талентите на средношколците кои не се стриктно академски. Според Павичевиќ, наместо исклучиво фокусирање на оценките, процесот треба да стане холистички.
Една од предностите на АУЕ-ФОН, по која што се разликуваа од останатите универзитети во земјата, е можноста што им ја нуди на младите покрај теорија да имаат пракса, па дури и работа за време на нивните студии. Од основањето до денес, на студии од прв и втор циклус, своето образование го завршиле повеќе од 9000 студенти, бројка што го докажува остварувањето на заложбите на универзитетот да обезбеди знаење верифицирано со дипломи, кои се подеднакво вреднувани, како во земјата, така и во странство.

Тежината на АУЕ-ФОН се мери и со врвниот наставен кадар, кој зад себе има богата издавачка дејност. Професорите, кои се дел од овој универзитет, несебично вложуваат во студентите преку секојдневните предавања, како и преку дебатите, кои се одржуваат, каде младите имаат право да се вклучат и разменат мислење и истовремено да го зголемат својот фонд на информации и знаење.

„Образованието мора да се трансформира. Во таа насока, високо-образовните институции, како приватните, така и државните, вклучително државата и бизнис секторот, треба да бидат партнери и заедно да креираат долгорочна стратегија, која ќе резултира со одржлив, инклузивен и применлив образовен систем кој ќе гарантира препознатлива иднина за генерациите кои се образуваат“, изјави Сефер Цаноски, основач и директор на АУЕ – ФОН. Цаноски го потврди својот став пред присутните дека Американскиот универзитет во Европа – ФОН ќе продолжи со иста желба и темпо да инвестира во здрав образовен систем, постојано да ги надградува условите за студирање, да го подобрува квалитетот на знаењето и искуството на професионалниот кадар, да ги споделува на успесите на големото алумни семејство како во земјата, така и во светот, придонесувајки за позитивни промени во различни индустрии и сегменти во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

