Македонија
Филипче: Комплетно е реновирана Службата за итна помош при Здравствениот дом во Велес

Во Здравствниот дом Велес во изминатите три години се извршени реконструктивни зафати во вредност над 10 милиони денари, со кои значително се унапредени условите за третман на пациентите од овој регион, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
„Извршена е комплетна реконструкција на Службата за итна медицинска помош во рамките на оваа јавна здравствена установа, во вкупна вредност од 3,6 милиони денари, со сопствени средства на установата. Во делот на инфраструктурните зафати извршена е и комплетна замена на вратите, како и реконструкција на покривот на Здравствениот дом“, рече министерот.
Изминатиот период во Здравствниот дом Велес, додаде Филипче, реализирани се инвестиции, меѓу кои: набавка на нови ЕКГ-апарати, спирометар, хидрауличен лифт, две нови амбулантни возила, како и друга медицинска и канцелариска опрема и мебел.
Филипче исто така рече дека со цел кадровско доекипирање на установата во изминатите три години реализирани се вкупно 16 нови вработувања, од кои пет доктори на медицина, четири медицински сестри, стоматолог, логопед, дефектолог, возачи и хигиеничари.
Во моментот двајца доктори од Здравствниот дом Велес се на специјализација од областа вонболничка педијатрија, а еден доктор во областа медицина на трудот, со што во претстојниот период дополнително ќе бидат зајакнати овие специјалистички дејности во установата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: ГРЕКО потврди, Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост

Работата на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам има особено значење за стабилноста, безбедноста и отпорноста на државата.
Насилниот екстремизам и тероризмот не се само закани по безбедноста, тие се индикатори на подлабоки слабости во системот. И затоа борбата со нив не може да биде изолирана, туку мора да се води паралелно со јакнење на институциите, на правната држава и на јавната доверба, истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешата седница на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.
„Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција.
Корупцијата не беше појава, беше правило. Правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. По години на институционален мрак, извештајот на ГРЕКО кој вчера беше објавен е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира.
ГРЕКО потврди: Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост“, додаде Мицкоски.
Според него, Групата на држави против корупција на Советот на Европа, испраќа јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики.
Првпат по долго време, вели тој, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата.
„Знаеме дека екстремизмот, радикализацијата и насилството често цутат таму каде што државата е слаба, а институциите се корумпирани. Затоа, нашата стратегија е јасна: градење на сигурна држава, со функционални институции, професионална полиција и отпорно општество.
Овој Комитет не е симболичен, туку оперативен инструмент. И очекувам од сите учесници, безбедносни, општествени, образовни и локални да дејствуваат координирано, без одлагање и без калкулации.
Продолжуваме со иста сериозност, без еуфорија, но со целосна трезвеност“, нагласи Мицкоски.
Македонија
Го фатила за врат снимателот, му удрила и бокс, го нападнала и новинарот: обвинение против две лица за нападот кај отпадот во Визбегово

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против две лица кои се товарат дека како соизвршители сториле кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.
На 9 јули, во близина на отпад за старо железо на улицата “Индира Ганди” во Скопје, обвинетите маж и жена заедно, со употреба на сила ги попречиле оштетените новинар и снимател на ТВ Алсат М во нивините службени дејствија, односно да известуваат за настанатиот пожар на отпадот во Визбегово.
Новинарот и снимателот, со телевизиски беџови, пристигнале на локацијата за да снимаат прилог, но двајцата обвинети најпрво им кажале дека немаат дозвола за снимање затоа што отпадот бил приватен имот на кој тие се сопственици. Кога телевизиската екипа сепак продолжила со вршење на нивната службена дејност, најпрво жената физички го нападнала снимателот, го удрила со нога и со бокс, го фатила за врат и ја превртела и ја оштетила камерата. Новинарот застанал меѓу нив за да го заштити снимателот и опремата и започнал да снима со мобилен телефон.
Обвинетата го удрила и него со нога, му го удрила телефонот кој паднал на земја и му го одзела. Во тој момент пристапил и обвинетиот со закани и навреди, па на новинарот му удрил шлаканица и го избркал од местото.
Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определените мерки – притвор за обвинетиот и куќен притвор за обвинетата.
Во исто време, што соопштија од обвинителство продолжува и предистражната постапка во однос на настанатиот пожар на отпадот и последиците од него. Надлежниот јавен обвинител и вчера вршеше увид на лице место на локацијата која е обезбедена. До Основното јавно обвинителство Скопје се доставени и резултатите од мерењата на токсичните материи во воздухот во Скопје непосредно по пожарот што по барање на надлежниот јавен обвинител ги изврши специјален тим од четата за атомско биолошка и хемиска одбрана на АРМ. Тие резултати се анализираат, а во меѓувреме се преземаат и други дејствија со цел да се испитаат сите сомненија за евентуално кривично дело и загрозување на животната средина со отпадни материи.
Македонија
Димитров: ЕУ дозволи она што за нас беше најважно и што го обезбедивме со преспанскиот договор сега да биде нападнато од Бугарија

„Европа мора да биде доследен, конзистентен и принципиелен партнер, партнер што испорачува и исполнува ветувања. Партнер кој е гласен кога се прават неправди, кога се крши меѓународното право, кога се злоупотребуваат човековите права. Тоа не го гледаме“, порача претседателот на „Солуција“, Никола Димитров, на „Сими симпозиумот“, што се одржува 27. пат во Грција.
„Силата на ЕУ секогаш била во принципите. Во моментот кога Европа ги напушта вредностите, тоа станува ништо. Европа мора да биде доследен, конзистентен и принципиелен партнер, партнер што испорачува и исполнува ветувања. Партнер кој е гласен кога се прават неправди, кога се крши меѓународното право, кога се злоупотребуваат човековите права. Тоа не го гледаме”, порача Димитров.
Тој зборуваше за македонското искуство во европските интеграции и блокадите со кои земјата се соочува:
„ЕУ дозволи она што нам ни беше најважно и она што го обезбедивме со преспанскиот договор, она што Грција го прифати – дека ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, да биде сега нападнато од Бугарија. Бугарија гордо го грабна ветото откога тоа прво ни беше ставено од Франција, ужасна геостратешка грешка на Париз. И сега наместо да зборуваме за реформи, заглавени сме со срамни прашања од минатиот век, со наратив што, едноставно, е недозволив во 21 век во Европа – некој друг да ми кажува кој сум и каков јазик зборувам“, порача Димитров.
Тој зборуваше и за улогата на ЕУ на светската геополитичка сцена потенцирајќи дека со политика на компромиси кога се клучните вредности во прашање, ЕУ си ги подрива и сопствениот кредибилитет и своето значење во свет што станува мошне опасен и непредвидлив.
„Мислам дека многу европски лидери, со чест на исклучоците, не се свесни колку на долг рок нивниот молк за Газа ќе се одрази врз силата на ЕУ, на пример“, заклучи Димитров.
На панел-дискусијата посветена на демократските предизвици во Медитеранот заедно со Димитров беа и албанскиот државен министер за врски со парламентот, Тулант Бала, Мехди Јома, поранешен премиер на Тунис, Амр Муса, поранешен генерален секретар на Арапската лига, професорот по политички науки на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, Харис Милонас, Сонер Чапгатај од Институтот „Вашингтон“ и Јахја Саид од Лондонската школа за економија.
„Сими симпозиумот“, каде што претседател е поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, е една од водечките светски конференции, која веќе 27 години се одржува во Грција, каде што се собираат речиси двесте водечки мислители, професори, актуелни и поранешни лидери и истакнати општествени дејци од целиот свет.