Македонија
20 македонски државјани се на пат кон дома од Израел, МНР објави дека најмногу 200 наши граѓани се наоѓаат таму

Во текот на денешниот ден, преку кризниот штаб во Министерството за надворешни работи, беа донесени неколку заклучоци и преземени неколку активности.
По вчерашните брутални напади од страна на Хамас на територијата на Израел, безбедносната состојба во државата, особено во деловите кои со во близина на Појасот Газа и пограничните делови со Либан, е сериозно влошена, и бројни наши граѓани се пријавија на телефоните во Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив и СОС телефоните во централа и побараа асистенција за нивна евакуација. Министерот Османи, во директна комуникација со неговиот израелски колега Ели Коен, изрази целосна осуда за нападите од страна на Хамас, како и поддршка за Израел.
„Од пријавените граѓани, деветте туристи кои доаѓаат од Велес, и кои во комуникација со нашите колеги од Албанија беа прифатени во специјалниот лет на Владата на Албанија за евакуација од Тел Авив, наскоро очекуваме да слетаат во Тирана, од каде претставници од нашата амбасада ќе ги префрлат со организиран транспорт кон дома. Во оваа прилика изразуваме благодарност до колегите од Албанија, за брзата реакција и прифаќање на нашите државјани“, велат од МНР.
Претходно, седум наши државјани, туристи кои беа затечени во Витлеем, успешно ја поминаа границата со Јордан, каде беа прифатени од нашата почесна конзулка; сега се на безбедно и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома. Утрово, четворочлено семејство затекнато во Тел Авив, преку комерцијален лет се упати кон Истанбул, од каде исто така ќе го продолжи патувањето кон дома.
Амбасадата во Тел Авив останува во контакт со сите останати наши државјани кои се имаат пријавено и побарале асистенција при нивното напуштање на Израел. Меѓу нив се и 11 градежни работници кои се затечени во Рамала (Западен Брег).
Министерството за надворешни работи, преку Кризниот штаб и дипломатско-конзуларната мрежа, воспостави директна комуникација и координација со земјите од регионот на Блискиот исток и Југоисточна Европа, со цел искористување на сите расположливи летови и враќање на нашите државјани, за што е пратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија, во двата региона.
Според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, кои ги очекуваме да се пријават, или да бидат пријавени од нивните блиски во нашите контакт центри, велат од МНР.
За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378
Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx
„Уште еднаш ги повикуваме нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје“, велат од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МВР ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата на СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“

Министерството за внатрешни работи категорично ги отфрла како невистинити и неосновани тврдењата изнесени од страна на политичката партија СДСМ за наводна набавка на „софтвер за шпионажа“.
„Потенцираме дека станува збор за редовно обновување на лиценци за специјализиран форензички софтвер, кој Министерството веќе повеќе од една деценија го користи за екстракција и анализа на дигитални податоци од мобилни телефони и други електронски уреди, во рамки на истраги што се водат исклучиво врз основа на наредби и во согласност со законските процедури.
Овие алатки не овозможуваат и не се користат за прислушкување, туку претставуваат стандардна опрема за дигитална форензика, каква што се користи и од други безбедносни институции ширум светот.
Напоменуваме дека ист софтвер бил набавен и во 2021 година, во време кога Министерството било раководено од министер од политичката партија СДСМ, што како факт сам по себе ја нагласува противречноста на денешните обвинувања.
Набавката е спроведена транспарентно и во согласност со Законот за јавни набавки и има единствена цел да го засили капацитетот на Одделот за форензички испитувања во откривање и докажување на кривични дела.
Министерството апелира до сите политички чинители да се воздржат од пласирање на дезинформации кои ја поткопуваат довербата во институциите. Очекуваме поддршка за професионалното и законито постапување на службите во интерес на јавната безбедност.
Борбата против криминалот мора да биде заеднички приоритет, а не повод за политички конструкции што одговараат само на оние кои се плашат од функционални институции и владеење на правото“, пишува во демантот на МВР.
Македонија
Предлогот Азир Алиу да биде министер за здравство утре пред пратениците, Владата од него очекува макотрпна работа и посветеност

Собранието утре треба да го разгледа владиниот предлог Азир Алиу да биде министер за здравство.
Во биографијата пишува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година.
Toj е дел од Алијансата за Албанците која останува во Вреди по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.
Владата од Алиу очекува макотрпна работа, посветеност и реализација на Програмата во делот на здравството.
„Можам да кажам дека Предлогот ќе биде утре во Собранието и дека ќе наиде на поддршка. Очекувам Алиу да биде посветен на ресорот здравсто, да направи добра реорганизација и да ги спороведе сите политики што се наш приоритет“, рече денеска владината портпаролка Марија Митева, одговарајќи на новинарско прашање.
На утрешната собраниска седница, според дневниот ред, е и предлогот за именување на Албрим Хоџа за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Во неговата биографија се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наодите на СДС дека е набавен софтвер за прислушување во МВР се брутална лага, очекуваме извинување од СДС

Наводите на СДС дека е набавен софтвер за прислушкување во МВР се невистина и брутална лага, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
„Очекуваме СДС да се извинат.
Софтверите се набавуваат за системот за форензика кој е набавен од СДС кога тие биле на власт.
Многу добро знае СДС дека инсинуациите од денешниот прес им се целосна измислица, но жално е како мислат дека го лажат народот.
Да потсетиме дека СДС е партија која многупати до сега е осудена за клевети и партија која нена никаков проблем да лаже и клевети за да растура пердуви“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.